• среда, 13 ноември 2024

Започна постапката за изградба парк во Ѓорче Петров на површина од над 30.000 квадратни метри

Започна постапката за изградба парк во Ѓорче Петров на површина од над 30.000 квадратни метри
Скопје, 7 јуни 2022 (МИА) - Советот на Град Скопје денеска ја донесе Одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Ѓорче Петров за партерно уредување и озеленување на просторот меѓу реката Лепенец и пречистителна станица Волково во Општина Ѓорче Петров. Град Скопје и Општина Ѓорче Петров ги започнаа постапките за изградба на првиот од четирите мега паркови што треба да се изградат во Скопје во текот на наредниве години. Како што информираат од Град Скопје, новиот парк ќе биде лоциран на опустошениот простор на исчистена депонија, што се наоѓа покрај коритото на реката Лепенец и пречистителна станица Волково, во општина Ѓорче Петров. Истиот ќе се простира на вкупна површина од 30.900 квадратни метри, од кои за зелени површини се планирани 17.534 квадратни метри, а за пешачки патеки 13.366 квадратни метри. Додаваат дека со изградбата на новиот парк и уредувањето на просторот, каде што се планира и да се засадат 2.250 садници и грмушки, ќе се овозможи активно користење на зелените површини и движење на пешаците и велосипедистите. - Во реализацијата на овој проект Град Скопје ќе учествува со геодетски снимања, изработување на проектна документација, расчистување на теренот, изградба на пешачки површини, изградба на бунари за наводнување со подземни води,  поставување урбана опрема, хортикултурно уредување на зелена површина и садење на садници. Градот Скопје за реализацијата обезбеди и финансиски средства од својот Буџет. Општина Ѓорче Петров во остварувањето на оваа соработката ќе учествува со изградба на урбана опрема - детски игралишта и реквизити, како и со  проект за осветлување, е наведено во соопштението од Општината. Оттаму информираат дека вкупната вредост на проектот изнесува 68.500.000 денари, од кои Град Скопје ќе учествува со 67.000.000 милиони денари, додека Општина Ѓорче Петров со 1.500.000 денари. свс/сп/

Остани поврзан