• четврток, 26 декември 2024

Започна обновата на оргулите во Нотр Дам

Започна обновата на оргулите во Нотр Дам
Париз, 4 август 2020 (МИА) - Во познатата црква Нотр Дам во Париз, вчера почна потфатот за подготовките за обновување и реставрација на симфониските оргули, кои меѓу другото, беа оштетени во пожарот од април минатата година. Оргулите не биле зафатени со пламенот и претрпеле релативно мало оштетување од вода за време на гаснењето на пожарот. Инструментот притоа бил покриен и со доста прашина, а некои делови биле оштетени како резултат на екстремно високите температури во катедралата за време на пожарот. Се очекува чистењето и обновата на скапоцениот инструмент да трае од 2021 до 2024 година, а само расклопувањето на 8.000 цевки и други делови може да трае до крајот на годинава. - Реставрацијата на оргулите ќе биде еден вид „градилиште во градилиштето“... Овој процес е исклучително важен за севкупната обнова на катедралата, рече одговорниот стручњак за реконструкција на Нотр Дам, Жан-Луј Жоржелин. Според него, инструментот би можел да биде подготвен за петгодишнината од пожарот, за кога и францускиот претседател Емануел Макрон вети дека ќе бидат завршени сите зафати околу обновата на Нотр Дам.  си/

Остани поврзан