• понеделник, 23 декември 2024

Започна НБА претсезоната во Абу Даби: Бостон подобар од Денвер

Започна НБА претсезоната во Абу Даби: Бостон подобар од Денвер

Абу Даби, 4 октомври 2024 (МИА) - Во Абу Даби официјално започнаа подготвителните натпревари за претстојната сезона со дуелот на двајцата претходни освојувачи на трофејот Лери О'Брајан. 

Актуелниот шампион, Бостон Селтикс го победи Денвер Нагетс со 107:103.

Пред 18.000 гледачи во „Етихад арената“ се одигра релативно конкурентен натпревар во кој тренерите Џо Мазула и Мајк Мелоун ја ограничија минутажата на нивните главни ѕвезди.

Дуелот го следеа бројни НБА легенди како Кевин Гарнет, Магзи Богс, Мич Ричмонд, како и фудбалски великани како Роналдињо и Тиери Анри.

За прв пат можевме да ги видиме новите засилувања во дресот на тимот од Колорадо - Расел Вестбрук и Дарио Шариќ.

Кај Денвер се истакнаа Никола Јокиќ со 14 поени (5/7 од поле), 8 скока и по 2 украдени топки и асистенции, Мајкл Портер Јуниор (12 поени), Расел Вестбрук (12 поени, 3/10 од поле, 4 скока, 8 асистенции) и Џулијан Стротер (11 поени).

Пејтон Причард блескаше во зелениот дрес, особено во првото полувреме. На крајот беше најефикасен на теренот со 21 поен (6/13 од поле, 6/12 тројки) и 6 асистенции, додека Џејсон Тејтум постигна 12 поени.

Ова е трета година по ред како во „Етихад арената“ во Абу Даби се организира подготвителниот турнир за НБА тимовите. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан