• недела, 24 ноември 2024

Започна манифестацијата „Вевчанско лето“

Започна манифестацијата „Вевчанско лето“
Вевчани, 16 јули 2022 (МИА) - Со монодрамата „Кармен“ во изведба на Билјана Драгиќевиќ Пројковска, а во режија на Дејан Пројковски синоќа беше отворена културната манифестација „Вевчанското лето“. Прогласувајќи ја манифестацијата за отворена градоначалникот Спасе Кочовски пред присутните најави богата културна програма во летниот период, проткаена со изложби, театарски претстави, музички, но и спортски настани. - Навистина ми е драго што ова лето успеавме, благодарение на здружението за афирмација на туризмот, културата и културното наследство „Вевчани турист инфо“ да обезбедиме богата културна понуда за вевчанци, за туристите кои во летниот период доаѓаат во Вевчани и за сите љубители на културата, спортот и уметноста, истакна Кочовски. Покровител на манифестацијата е Општина Вевчани, со средства предвидени во програмата за финансирање на проекти од локален интерес во културата за 2022 година. - Општина Вевчани издвои средства за нешто што навистина заслужува и е важно за една населба како Вевчани. Им благодарам на сите вевчански уметници и културни дејци кои целосно ја прифатија поканата да соработуваат и одговорија да бидат дел од оваа богата содржина, посочи Кочовски. Манифестацијата „Вевчанско лето“ продолжува в среда, со отворање на Детска ликовна изложба во мултикултурниот центар „Коста Србакоски“. сс/ки/

Остани поврзан