• сабота, 23 ноември 2024

Започна изградбата на нова градинка „Верверичка” во населбата „11 Октомври“ во Кисела Вода 

Започна изградбата на нова градинка „Верверичка” во населбата „11 Октомври“ во Кисела Вода 

​Скопје, 11 јануари 2024 (МИА) - Со  свечено поставување на камен темелник денеска  започна изградбата на новата градинка „Верверичка”, во населбата „11 Октомври“ ,во Општина Кисела Вода во Скопје. Градинката  се планира да биде готова која за околу шест месеци и ќе може да ги прими првите дечиња.

Ќе има шест занимални и капацитет да прими  околу 110 деца ,информираат од Општина Кисела Вода.Оваа градинка која е осми објект на ЈДГ „Весели Цветови“ од Скопје се гради преку финансиско партнерство помеѓу Општина Кисела Вода  со 8 милиони денари и Комерцијална Банка АД Скопје со 6 милиони денари.

На настанот градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и д-р Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка ја назначија важноста на ваквите проекти кои претставуваа инвестиција во раниот детски развој, кој е клучен во формирањето на личноста на секој човек .

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски  информира дека во новата градинка најмногу место ќе има за најмалите дечиња кои чекаат да бидат запишани во јасли.

- Тоа за мене како градоначалник е убава вест, бидејќи е сигурен знак дека нашата општина расте. Децата се нашиот највреден ресурс и инвестирањето во нив е најзначајниот влог што можеме да го направиме,потенцира Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека е   убаво  да се има сојузници во оваа значајна мисија, и затоа  им се заблагодари  на Комерцијална Банка АД Скопје, со која заеднички, преку финансиско партнерство, го градат  овој нов објект.

- Заедничката посветеност кон заедницата и разбирањето за важноста на детското образование и развој, се заеднички благородни цели со кои ги обликуваме темелите на иднината на нашето општество. Би сакал да истакнам дека ние, како општина сме исклучително посветени во оваа област, за што говорат сите преземени активности во овие две години,потенцира Ѓорѓиевски.

Воедно потсети дека  веднаш до овој  се наоѓа објектот  „Кокиче“ чиј капацитет неодамна беше проширен за 90 деца. Обезбедиле и  две нови детски градинки, во Усје и во Драчево.

Тој информира дека  се реализира проектот  за проширување и реконструкција на дел од градинката “Пеперутка 1” во Драчево, каде 50-тина години не биле извршени речиси никакви реконструктивни зафати.

Обезбедени се и финансиски средства за изградба на уште една нова градинка во Расадник,

-Заедно со објектот “Верверичка”, кој денес го почнуваме силно верувам дека сме на вистинскиот пат да ја оствариме целта-да ги затвориме наследените листи на чекање од минатото на кои имаше преку 400 деца,потенцира Ѓорѓиевски.

На  свеченоста д-р Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална Банка  истакна дека е огромно  задоволството кога новата година ја започнуваат  со нова благородна мисија, со која ќе обезбедат модерна градинка за дечињата од Кисела Вода.

- Комерцијална Банка е особено горда на секој свој придонес кој значи подобра грижа, поздрав раст и повесели денови за секое дете. Затоа дониравме за реновирање на Детската клиника за кардиологија и ревматологија. Затоа помагаме за опремување сензорни соби во училиштата. Го поттикнуваме инклузивното општество во кое сите треба да имаме еднакви можности. Донацијата за изградба на градинка во Кисела Вода дефинитивно ни го стопли срцето во овие студени денови затоа што значи уште едно весело катче исполнето со детска смеа и дружба,потенцира Стевкова Штериева. ад/

Фото: Општина Кисела Вода

 

Остани поврзан