• четврток, 26 декември 2024

Започна изградбата на затворен базен како дел од салата „Наум Наумовски-Борче“ во Карпош

Започна изградбата на затворен базен како дел од салата „Наум Наумовски-Борче“ во Карпош

Скопје, 13 септември 2023 (МИА) - Со огромно задоволство сакам да споделам дека веќе привршуваат работите на комплетната реконструкција на салата „Партизан“ кои треба да завршат некаде до средината на октомври, што значи дека за еден месец од денес ќе имаме пуштање на оваа сала, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на денешниот увид во отпочнување на градежни активности за изградба на затворен пливачки базен, кој се гради веднаш до салата „Наум Наумовски-Борче“ или попозната како „Партизан“ во Општина Карпош.

Ковачевски нагласи дека почнува изградбата на затворен пливачки базен како дел од салата „Партизан“ со што, како што рече, се гради целосен спортски комплекс во функција на младите, спортистите и рекреативците.

- Се работи за базен со големина 33x40 метри и длабочина до 1,4 метри, комплетно затворен базен кој ќе биде поврзан со топла врска со спортската сала и која инвестиција е финансирана од Владата преку Агенцијата за млади и спорт во износ од 760 илјади евра, рече Ковачевски.

Тој додаде дека дополнителната инвестиција која се одвива и веќе е при крај, за еден месец, изнесува 1,1 милион евра во однос на реконструкцијата на Спортскиот центар „Партизан“.

- Со ова потврдуваме дека вложуваме во капитални објекти кои значат подобро живеење на граѓаните, подобри услови и секако спортски објекти кои во овој исклучително урбан дел на Скопје ќе им овозможи на скопјани да имаат место каде што ќе се занимаваат со своите омилени спортови, истакна тој.

Премиерот им се заблагодари на градоначалникот и на организацијата на Општина Карпош за завршените процедури во рекорден рок и во однос на салата меѓутоа и во однос на базенот, како и на Агенцијата за млади и спорт која што го подготви овој проект и секако изведувачите кои работат на реконструкцијата и на салата и на изградбата на базенот.
 
Ковачевски нагласи дека сала е донација на Франција после земјотресот во Скопје од 1963 година.

На настанот, покрај премиерот присутни беа и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Мојсовски истакна дека овој базен е дел од проектот „14 училишни базени“ кои се отвораат на територијата на целата држава.

- Ова е десеттиот училишен базен кој ќе се користи за спортистите, но и за училиштата кои гравитираат на територија на Општина Карпош, истакна Мојсовски. 

Градоначалникот на Општина Карпош изрази благодарност за овој, како што рече, шести по ред објект многу битен за животот и развојот на Општина Карпош. сан/ац/

Фото: Влада

Остани поврзан