• петок, 27 декември 2024

Започна доградбата на градинката „Срничка“, се очекува проширување на капацитетот за плус 170 деца

Започна доградбата на градинката „Срничка“, се очекува проширување на капацитетот за плус 170 деца

Скопје, 13 август 2024 (МИА) – Општина Аеродром започна со градежните работи за доградба и надградба на постојниот објект „Изворче“ во Стар Аеродром што е во рамките на детската градинка „Срничка“, а е изграден во 70-тите години на минатиот век. Со инвестицијата во износ од 120 милиони денари се проширува капацитетот за згрижување за плус 170 деца.

Премиерот Христијан Мицкоски, при денешната посета на започнување на градежните активности изјави дека задача на Владата е да нема повеќе листа на чекање за упис на дечињата во детските градинки.

- Наша заедничка задача и цел е многу скоро од денеска да нема повеќе листи за чекање за упис во градинките во Општина Аеродром. Ова не е само задача на општината, туку и на владата, на политичките партии, и на коалицијата. Ветивме уште за време на кампањата дека секое дете заслужува свое место во градинките, доколку родителите одлучат да го запишат, и да нема повеќе листи на чекање, привилегии, рече премиерот.

Тој дополни дека се борат за подобра демографија, да ги задржат младите и да нема иселување.

- Мораме како Влада, заедно со општините, заедно со ресорното министерство, со Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и со останатите колеги во владата, да работиме на тоа да ги обезбедиме сите потребни услови, за младите брачни парови да останат тука, и со самото тоа, и дечињата да растат тука, да другаруваат, што за нас претставува особена важност, дополни Мицкоски.

В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, истакна дека овој проект е од исклучително значење за жителите на овој дел од Аеродром, кој е населен со млади семејства со мали деца и се очекува листите за прием во градинките да се намалат во значителна мера.

Станува збор за капитален проект што предвидува изградба на приземје плус еден кат, со вкупно нето-површина од околу 1600 м2. Вредноста на проектот е речиси 120 милиони денари, заеднички финансиран со средства на Владата и Општина Аеродром и рок на изградба од 12 месеци.

Како што информираа од Општина Аеродром, доградениот дел ќе биде комплетен објект со сите неопходни содржини за згрижување на плус 170 деца од 0 до 6-годишна возраст, а во моментов во овој објект се запишани околу 280 дечиња.

Доградбата ќе опфати 12 занимални, санитарни јазли, простории за прием на деца, просториии за воспитувачи, гардероби и санитарии за вработени, лекар, дистрибутивна кујна, лифт за транспорт на храна, тријажа, просторија за изолација и млечна кујна. ар/ев/
Фото: Влада, Општина Аеродром 

 

Остани поврзан