• петок, 27 декември 2024

Започна големата пролетна акција на Град Скопје и градските претпријатија во општина Чаир

Започна големата пролетна акција на Град Скопје и градските претпријатија во општина Чаир
Скопје, 18 април 2022 (МИА) - Градот Скопје заедно со градските јавни претпријатија и во координација со Oпштина Чаир од денеска ја реализираат големата пролетна работна акција на подрачјето на Општина Чаир. Како што соопшти Град Скопје, екипите координирано до крајот на оваа недела ќе спроведуваат активности за рачно и машинско метење и миење на булеварите и улиците, дезинфекција на контејнерите, собирање кабаст отпад, санирање на оштетувања на коловозите, обновување и поставување на сообраќајната сигнализација, садење нови садници и уредување на зеленилото, санации на пријавени дефекти и проблеми од граѓаните, целосно чистење на атмосферските и фекалните линии, како и прочистување на дождовните сливници на булеварите и на градските улици. Во големата пролетна работна акција во Чаир на терен координирано работат екипи на градските јавни претпријатија: Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Водовод и канализација, Улици и патишта и Дрисла. - Екипите на ЈП Комунална хигиена на целата територија спроведуваат активностите за рачно и машинско метење и миење на булеварите и на улиците, како и миење и дезинфекција на контејнерите и на микролокациите на кои се поставени. Во рамките на оваа голема акција, ЈП Комунална хигиена постави и специјални садови за кабаст отпад на неколку локации, каде што граѓаните ќе можат да го остават, по што тој бесплатно ќе биде подигнат и транспортиран на соодветна локација од ова градско претпријатие, се наведува во соопштението. Жителите на Општина Чаир својот кабаст отпад ќе можат да одложат на следниве локации: булевар „Цветан Димов“, на крстосницата со улица „Коста Абрашевиќ“; улица „Ферид Мурад“, до училиштето „Цветан Димов“, кај Топлана Север; улица „Крсте Асенов“ бр. 5 (до чајџилница „Пајтон“) и улица „Втора македонска бригада“, на крстосницата со улица „Дижонска“ (кај контејнерите). Со пролетната акција на ЈП Паркови и зеленило во општина Чаир ќе биде опфатено зеленилото по должината на булеварите Крсте Мисирков, Цветан Димов, Христијан Тодоровски-Карпош, како и на улиците Македонско-косовска бригада, Втора македонска бригада и Кемал Сејфула. - Екипите од Секторот дрвореди по Решенијa издадени од Секторот за комунални работи на Град Скопје, реализираа кастрење на 30 дрвја на булеварот Цветан Димов на потегот од Јаја-пашина џамија до маркетот Веро. На посочената локација преостанатите екипи го средуваа зеленилото, односно косеа тревна површина и собираа откос, кастреа грмушки, собираа лисја, хартија и отпадоци, наведуваат од Градот. Јавното претпријатие Водовод и канализација во општина Чаир за време на акцијата ќе работи на булеварите Крсте Мисирков, Цветан Димов, Никола Карев и на улицата Македонско-косовска бригада. Екипите на терен ќе вршат рачно чистење на сливници, рачно чистење на шахти (атмосферски и фекални) и миење со цистерна со вакуум и цистерна под притисок на атмосферските и фекалните сливници и шахти. На булеварот „Никола Карев“ денеска е извршена контрола на 15 шахти, рачно се исчистени седум шахти, 80 сливници, миење на канализациона линија од 140 метри со цистерна со вакуум и прочистување на 170 метри со цистерна под притисок. ЈП Улици и патишта во текот на акцијата во Чаир ќе работат на булеварите Христијан Тодоровски Карпош и Цветан Димов, како и на улиците Џон Кенеди и Лазар Трповски. Екипите на ЈП Улици и патишта денеска ги санираа оштетувањата во асфалтот (со претходно машинско гребење) на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, кај општинската зграда на Чаир, со површина од 40 квадратни метри. На овој булевар е извршена контрола и обнова на недостатоците на вертикалната сигнализација, а исправени се и четири сообраќајни знаци. Јавното претпријатие Дрисла во рамките на пролетната акција во Чаир ќе го прима, складира и депонира комуналниот отпад, градежниот шут и другите видови отпад што ќе се собира на територијата на општината. - Пролетната акција во Општина Чаир почна денеска и ќе трае до 22 април, а потоа екипите на јавните претпријатија ќе продолжат со работа во наредната општина што е планирана, каде што на терен ќе ги продолжат активностите на точно утврдени локации по примерот на општина Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Гази Баба и општина Чаир, се наведува во соопштението. мс/вг/

Остани поврзан