Започна акција за расчистување на дивите депонии во Делчево
- Екипи на ЈКП „Брегалница“, лица ангажирани преку Програмата за јавни работи и граѓани волонтери ја спроведоа првата акција околу тениското игралиште и влезот на градскиот стадион, со повик од градоначалникот Иван Гоцевски за заедничка грижа за почиста животна средина.
Делчево, 10 март 2026 (МИА) – Во Делчево започна акција за расчистување на дивите депонии, во која се вклучени екипи на Јавното комунално „Брегалница“, лица ангажирани преку Програмата за јавни работи, како и граѓани волонтери.
Првата акција се реализираше на просторот околу тениското игралиште и на влезот на градскиот стадион, каде со механизација и рачно беа расчистени поголеми количини отпад. Акцијата се спроведува со поддршка на општествено одговорни компании и граѓани.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека е време за заедничка акција за чистење на околината и создавање почиста животна средина.
– Дивите депонии не само што ја нагрдуваат околината, туку претставуваат и сериозна закана за здравјето на луѓето, почвата и водата. Затоа оваа акција е повик до сите – институции, организации и граѓани – да се вклучат и да придонесат за почиста средина, изјави Гоцевски.
Од Општина Делчево информираат дека акцијата ќе продолжи и на други локации во општината, со цел постепено отстранување на дивите депонии и подигнување на јавната свест за заштита на животната средина.
Општината ги повикува граѓаните да пријавуваат диви депонии и активно да се вклучат во иницијативата за почиста околина.вс/ар
Фото: Општина Делчево