Започнаа градежните работи за регулација на Домачки Дол
- Во Крива Паланка денеска започнаа градежните активности од проектот за регулација на порој Домачки Дол, каде се инвестираат седум милиони денари за изградба и регулирање на долот.
Крива Паланка, 6 октомври 2023 (МИА) - Во Крива Паланка денеска започнаа градежните активности од проектот за регулација на порој Домачки Дол, каде се инвестираат седум милиони денари за изградба и регулирање на долот.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, заедно со стручните служби остварија увид во активностите на терен.
- Со обезбедени 4.000.000 денари од Министерството за животна средина и просторно планирање и 3.000.000 денари кофинансирање од буџетот на општината ќе се изврши регулација на долот, а истовремено се решава уште еден проблем на жителите од овој дел на градот, во соработка со ЕВН, ќе се измести и линијата на електро-дистибутивната мрежа и ќе се реши проблемот во напојувањето со електрична енергија на домаќинствата, рече Митовски.
Во тек се повеќе инфраструктурни проекти во општината, во завршна фаза е изградбата на нов, мултифункционален, спортски терен во селото Мождивњак, вреден седум милиони денари, средства обезбедени од Агенцијата за млади и спорт.
-Вложуваме за развој на младите, за унапредување на талентите и нови спортски достигнувања за заедничка радост. Но вложуваме и во патна инфраструктура, жителите од населба „Илинден" добиваат шест новоасфалтирани улици, инвестираме 15 милиони денари од Министерството за транспорт и врски за ул.„Наско Тамбурков", „3-та Македонска бригада", „Ѓорче Петров ", „Димитар Влахов ", „Чупино Брдо" и ул. „17 Македонска ударна бригада" со што ќе се комплетира проектот кој носи нов лик на населбата Илинден. На овие улици веќе е извршена замена на водоводната мрежа и поставени се нови полиетиленски цевки, додаде Митовски.
Во населбата Баглак се градат атмосферска и фекална канализација, проект вреден 3.400.000 денари од Министерство за животна средина, а на улицата „Македонска" ќе се постави нов асфалтен слој, проект во износ од 4.000.000 денари обезбедени преку Биро за регионален развој. ид/дма/