• недела, 24 ноември 2024

Запленети пури и тутун за пушење во вредност од над еден милион денари

Запленети пури и тутун за пушење во вредност од над еден милион денари

Скопје, 19 мај 2023 (МИА) - Инспектори од Секторот за контрола и истраги на Царинската управа во две посебни истраги спроведени вчера и денеска, запленија 200 парчиња луксузни пури и 220 килограми тутун во вкупна вредност од 1.200.000 денари, известуваат од Царинска управа.

Од Царинската управа информираат дека со ова е спречен обид на пуштање во слободен промет на акцизна стока за која е избегнато плаќање на давачки од вкупно 970.000 денари.

- Во првиот случај, запленети се пури од марката „Cohiba“ и „Trinidad“ коишто беа откриени при контрола на автобус во сопственост на бугарска компанија кој сообраќал на редовна линија Софија - Скопје - Софија, на влез во државава на граничниот премин Деве Баир. Пурите се пронајдени во мал фрижидер каде биле скриени во две црни најлонски кеси, стои во соопштението.

Во вториот случај, станува збор за истрага спроведена на неколку локации во Скопје, при што се запленети 220 килограми режан тутун спремен за пушење, без акцизни маркички, односно за истиот не биле платени акцизните давачки.

Од Царинска управа велат дека ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави до надлежните Основни јавни обвинителства. сх/цр

Фото: Царинска управа

 

Остани поврзан