Запечатени буриња со ракија за најубавите животни моменти, адет во Тиквешијата
- Запечатени буриња со ракија со години па и децении се чуваат во Тиквешко, за ракијата да се пие за најубавите моменти во животот. Да се наздрави, тогаш кога и срцето пее од радост, а душата п
Кавадарци, 6 август 2022 (МИА) - Запечатени буриња со ракија со години па и децении се чуваат во Тиквешко, за ракијата да се пие за најубавите моменти во животот. Да се наздрави, тогаш кога и срцето пее од радост, а душата плаче од среќа.
Панче Арсовски, претседател на здружението „Ж'та" од Кавадарци, за МИА потврди дека и самиот го испочитувал овој адет и кога му се родиле децата запечатил садови со ракија, за да одлежи и да се пие во посебни моменти.
- Ракијата ја запечатив во бирлаци. Бирлак е поголем сад од стакло, обложен од посебен вид исплетени врби, појасни Арсовски.
Раде Зоков од кавадаречкото село Ресава, познато по производството на убави вина и ракии, откри за МИА дека и самите со сопругата запечатиле ракија, кога им се родиле синот и ќерката.
- Ги чуваме во дрвени буриња, дабови. Едната ракија е стара 24, а другата 22 години. Ја ставивме ракијата бела, но со годините таа природно пожолтува од дабовото дрво. Ќе ја пиеме, здравје нека е, за убави моменти, затоа е ставена, за да се испие и да се наздрави со неа за среќа, рече Зоков, напоменувајќи дека веќе имаат регистрирано семејна винарија, па се во подготовка изградба на фамилијарна мини винарница.
Кавадарчанецот Дане Јошев раскажа за МИА дека традиција е буриња со ракија да се запечатуваат главно кога ќе се роди дете. Ракијата потоа со години се чува и не се допира. Бурето се отвора кога детето ќе матурира, дипломира, докторира, се вдоми или доживее било каква друга среќна околност во животот.
-Таков е адетот кај нас, тоа останало од прадедо, дедо. Кога има веселба во куќата, да се пие ракија која зреела со години во бурето или бирлакот, нагласи Јошев.
Соговорниците со кои разговаравме на оваа тема, рекоа дека така било и за матурските прослави што се славеа годинава во овој крај. Во екот на матурските прослави во Тиквешко како најголем лозарски регион во државата, се отвораат бурињата со домашна ракија стара 18 години, која родителите на сегашните матуранти ја запечатиле кога им се родиле децата. Најблиските на славениците ги вадат печатите и дозволуваат гостите да се насладуваат со домашната лозова, која тие ја запечатиле при раѓањето на годинашниве матуранти.
Всушност, тоа е стар обичај во Тиквешко. Кога ќе се роди мало дете, неговите најблиски во негова чест, ставаат ракија во дрвено буре и ја чуваат со години. Литражата на ракијата која се остава за посебни прилики зависи од можностите на домаќините. Кога детето ќе порасне, ракијата се пие со гости во свечени пригоди кои одбележуваат матурирање, дипломирање, веридба, мажачка или женачка.
Јошев, кој е и претседател на регионалното здружение „Тиквешки лизароовоштари", се сети дека така било и пред неколку години, кога имал внука матурантка која завршила гимназија.
- Кога се роди, ставивме домашно произведена ракија во дрвено буре со цел да наздравуваме со неа во посебните моменти за неа. Така беше и за останатите внуци. Бурето на природен начин низ годините троши или како што ние во Тиквешијата велиме, пие од ракијата. Затоа одвреме навреме на секои две три години надополнувавме по малку ракија во бурето. После околу осум или девет години старост, ја флаширавме ракијата и ја чувавме за убави денови како матурска, веридби. И навистина за матурската, извадивме дел од ракијата на маса за да пијат гостите и да бидат задоволни со нашите обичаи, раскажа Јошев.
Му било тоа прва внука матурантка и бил многу среќен поради тоа.
- Гостите многу ја бендисаа ракијата стара 18 години. Рекоа дека не е убава, ами преубава. Нема ниту безалкохолен, ниту алкохолен пијалок што би ја заменил, па макар имал и звучно име, па макар и да е произведен во странство. Таа стара ракија е мелем за душата. Зејтин, што би рекле некои, бидејќи кога се става од шишето во чашата се развлекува како масло. Тие што пробаа, знаат, нагласи тој.
Откри дека се уште не е чепната ракијата која ја чува за свадбата на внуката, па здравје кога ќе се омажи, ќе се дегустира и таа. Исто како што ќе се дегустира и ракијата чувана за другите внуци.
Во нормални услови, на веридба, кажа, се трошеле околу шест литри ракија. За свадба, триесетина.
Го прашавме дали јачината на ракијата губи низ годините.
- И кога ќе одлежи, нејзината јачина останува тука некаде. Се менуваат густината и вкусот. Се добива шмек што се вели. Колку е постара, толку е подобра ракијата. Кога ја ставаме, таа има околу педесет степени. Може да падне до кај 47 степени. Останува чиста лозова ракија, без никакви шеќери, ништо вештачко, без хемикалии, појасни Јошев.
Таквата природна ракија, се согласуваат и други тиквешани со кои разговаравме, ако се консумира умерено заради уживање и со мерка, благотворно влијае врз човечкиот организам.
Добра стара ракија во Тиквешко можете да пробате и кога некој оди во пензија, па за свечено одбележување на нечиј влез во третата доба од животот, има шанса да дегустирате домашна ж'та која преспала и неколку децении.
Ставањето на домашна ракија да стои со години па и децении со цел со неа да се одбележат најубавите моменти од нечиј живот, е адет кој се пренесува од генерации на генерации.
И не е важно дали старата ракија се чува на таванот или во подрумот. Важно е дека таа претставува вистинско богатство и гордост за домаќинот. Со неа, секој убав миг во животот, е поубав.
Светлана Дарудова