• четврток, 26 декември 2024

Западните земји воздржано ја следат ситуацијата со воениот бунт во Русија

Западните земји воздржано ја следат ситуацијата со воениот бунт во Русија

Лондон/Париз/ Берлин, 24 јуни 2023 (МИА) - Велика Британија, Франција, Германија, Полска и Италија одделно соопштија дека внимателно ги следат настаните во Русија, откако шефот на приватната воена формација „Вагнер“ноќеска почна бунт против руските власти.

„Во следните часови, лојалноста на руските безбедносни сили, а особено на Националната гарда, ќе биде клучна за развојот на оваа криза. Ова е најзначајниот предизвик за руската држава во последно време“, се наведува во редовниот дневен разузнавачки билтен на британското Министерство за одбрана.

Лондон наведува дека „Вагнер“ на Пригожин преминал од деловите на Украина под руска окупација во самата Русија на најмалку две локации и дека „речиси сигурно“ заземал клучни безбедносни позиции во Ростов на Дон.

„Дополнителни единици на Вагнер се движат на север низ регионот Воронеж, речиси сигурно со цел да стигнат до Москва“, се додава во соопштението.

Сепак, британските институции додаваат дека има „многу ограничени докази“ за борби меѓу „Вагнер“ и руските безбедносни сили.

„Некои веројатно останаа пасивни, премолчено согласувајќи се со Вагнер“, истакнуваат оттаму.

Во ажурираните упатства до британските граѓани, британското Министерство за надворешни работи наведува дека извештаите укажуваат на „воени тензии во Ростовската област и ризик од дополнителни немири во земјата“.

Полскиот претседател Анджеј Дуда на Твитер објави дека претпладнето одржал консултации со премиерот и министерот за одбрана, како и со сојузниците, во врска со ситуацијата во Русија.

„Текот на настаните надвор од нашата источна граница континуирано се следи“, напиша тој.

Елисејската палата соопшти дека претседателот Емануел Макрон внимателно ја следи ситуацијата во Русија. „Остануваме фокусирани на поддршката на Украина“, соопшти Елисејската палата.

Портпаролот на германската Влада најави дека владата „внимателно ги следи настаните во Русија“.

Кабинетот на италијанскиот премиер Џорџа Мелони објави дека таа „внимателно ги следи настаните во Русија кои покажуваат дека нападот врз Украина предизвикува нестабилност во Русија“. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан