• среда, 25 декември 2024

Заострени антиковид-мерки во Косово, забранети свадби и веселби во наредните 12 дена

Заострени антиковид-мерки во Косово, забранети свадби и веселби во наредните 12 дена
Приштина, 20 август 2021 (МИА) - Во Косово од денеска се во сила новите, заострени мерки за спречување на ширењето на епидемијата на Ковид-19, со кои, меѓу другото, се забранува работата на ноќните клубови, како и организирањето свадби и други семејни веселби и матурски вечери, јави дописникот на МИА од Приштина. Според одлуката донесена на завчерашната седница на косовската Влада, мерките се однесуваат на територијата на целата држава и ќе бидат во сила во наредните 12 дена, односно до 1 септември. Угостителските објекти во споменатиот период ќе можат да работат до 22 часот и 30 минути, со почитување на пропишаната дистанца меѓу масите и со користење на најмногу до 50 отсто од капацитетите во затворените делови од објектите и до 70 отсто на терасите. Учеството на собири на отворено, како што се фестивалите и концертите, спортските и културните активности, е дозволено за лица кои поседуваат сертификат за вакцинација со една или две дози, негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа, доказ дека лицето прележало Ковид-19, или антигенски тест не постар од 48 часа, со искористување на најмногу 50 отсто од капацитетите. За активности во затворени простории (состаноци, семинари, обуки и слично) може да се искористат најмногу 30 отсто од капацитетите, при што исто така е потребно приложување на еден од споменатите докази дека лицето не е заболено од Ковид-19. Во Косово последните денови се забележува видно зголемување на бројот на новозаразени, главно од новата варијанта делта на коронавирусот, така што само во последниот 24-часовен извештај на здравствените власти, вчера, беа евидентирани рекордни 2.236 нови случаи, од извршени над 11 илјади тестирања. Вчера беа забележани и осум смртни случаи на заболени од Ковид-19, што е највисока дневна бројка на жртви на пандемијата во подолг период. Бројот на активни случаи, од 98, колку што изнесувше пред нешто повеќе од еден месец, според официјалните статистики сега изнесува над 14 илјади. иа/ми/

Остани поврзан