• петок, 27 декември 2024

Заменици министри за здравство на распит пред Анкетната комисија за онкологија

Заменици министри за здравство на распит пред Анкетната комисија за онкологија

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Поранешниот заменик министер за здравство Илир Хасани денеска пред челновите на Анкетната комисија за скандалот во Клиниката за онкологија истакна дека не чуствува никаква одговорност за тоа што се случи на онкологија, бидејќи тој како заменик министер имал лимитирани овластувања. 

Функцијата заменик министер за здравство Хасани ја извршуваше во периодот од септември 2020 година до септември 2021 година, кога поднесе оставка поради, како што рече тогаш, морални причини, по пожарот во Тетовската модуларна болница.

-Врз основа на Законот за Влада, ингеренциите на заменик министерот не се лимитирани но се ограничени врз основа на волјата, желбата и потписот на министерот. Јас сум еден од заменик министрите кој во ниту еден момент не сум имал овластување, ниту вербално ниту писмено од министерот. Од административен аспект, кај мене не стигнале не само одлуки, решенија, но и информации и извештаи од Клиниката. Министерот ниту вербално во времето колку бев заменик министер не ми дал задачи и обврски за работа во овој период, рече Хасани. Тој одговараше на поставеното прашање на претседателката на Анкетната комисија за Онкологија и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи за да го објасни процесот на набавка на медикаменти, дистрибуција до клиниките и дистрибуција од клиниката до пациентите.

Хасани истакна дека треба да се измени Законот за Влада и да се отстранат заменик министрите, бидејќи тие, како што рече, не треба само формално да дејствуваат во Владата, туку да се одредат нивните обврски како заменици министри. Изрази убедување дека со овој скандал ќе се обелодени и ќе излезат на површина вистинските виновници.

-За жал, вакви скандали биле присутни, настанувале, се и ќе бидат присутни. Јас сум за одговорност, првично морална, како што сум имал морална поддршка и тогаш кога се запали Тетовската модуларна болница. Јас сум за правична судска разрешница за тие кои ќе го сторат делото и криминалот и сум за политичка одговорност за сите тие кои го направиле ова. Јас сум убеден дека и судството и Министерството за внатрешни работи ќе триумфираат во овој случај, рече Хасани. 

Сигурен сум, додаде тој, дека виновниците ќе седнат на обвинителната клупа посочувајќи дека неговите можности за дејствување како заменик министер биле невозможни.

-Јас лично во ниту еден момент не сум имал поплака од ниту еден пациент. Информациите што ги имам во моментот се од медиумите. На ниту еден начин официјално не стигнале информациите за скандалот како класифицирани или некласифицирани информации во врска со случајот. Не можам да дадам никаква елаборација за моменталната ситуација, рече Хасани.

Изрази надеж дека Анкетната комисија треба да излезе со факти, аргументи, предлози за политичка одговорност.  

Седницата продолжува со поставување на прашања од членовите на Анкетната комисија за Онкологија до поранешниот и актуелниот заменик министер за здравство, Владимир Рендевски и Маја Манолева.

Досега пред Анкетната комисија, која треба да утврди политичка одговорност за скандалот со терапијата на Онкологија, зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешните министри за здравство Венко Филипче и Беким Сали, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Магдалена Филиповска Грашковска.  

Одлуката за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа клиника, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.

Наводите за злоупотреба на лекови на клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и низа протести. фф/ев/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан