• среда, 27 ноември 2024

Заменик министерот Реџепи на увид на реконструкција на улица „Браќа Миладиновци“ во Тетово

Заменик министерот Реџепи на увид на реконструкција на улица „Браќа Миладиновци“ во Тетово

Тетово, 18 декември 2023 (МИА) - Заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи, со пратеници и советници од Демократска унија за интеграција, извршија увид на улицата „Браќа Миладиновци“ во Тетово, која се реконструира.

Реџепи рече дека Министерството финансира обнови на улици во сите градови без разлика на тоа од која партија доаѓа градоначалникот. Улицата се обновува во вкупна должина од еден километар, а тоа ќе чини 265 илјади евра. Во зависност од временските прилики се очекува да заврши за четири до пет месеци.

- Правиме увид во работите на овој дел на локален пат односно улицата „Браќа Миладиновци“. По завршување на други проекти, што биле финансирани од Министерство за транспорт и врски, како булеварот „Благоја Тоска“, улица „Ѓоце Стојчевски“ и улица „Гоце Делчев“ денеска сме сведоци дека ние како Влада без разлика на политичките провиниенции на градоначалниците во општините сепак работиме и инвестираме за доброто на граѓаните. Се надевам дека во предвиден рок според договорот овој пат ќе биде завршен, изјави заменик-министерот Беким Реџепи.

На новинарски прашања до каде е постапката за обиколницата за Тетово, Реџепи рече дека Министерство за транспорт и врски има издадено одобрение за градба.

- Министерството за транспорт и врски веќе даде одобрение за градба за обиколницата. Сите процедури од нашата страна се завршени и сега во јавното претпријатие мислам дека кога ќе почнат со работите ќе информираат. Нашата страна беше во процедура да се даде одобрение за овој проект и тоа е добар почеток чим е дадено веќе одобрението за градба, истакна Реџепи.

„Граѓаните кои не се задоволни од правниот процес на експропријација на Коридор 8, да поведат судски спор“. Ова беше одговор на заменик министерот на новинарско прашање, за граѓаните од Долна Бањица кои преку протест изразија незадоволство од експропријацијата. ас/ир

Фото: МИА

Остани поврзан