• петок, 20 декември 2024

Заменик министерката Трајков со порака до Македонците во Србија: Вие сте мостот на пријателство меѓу двете земји

Заменик министерката Трајков со порака до Македонците во Србија: Вие сте мостот на пријателство меѓу двете земји

Скопје, 14 декември 2024 (МИА) - Заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков, присуствуваше и се обрати на свеченото одбележување на 20-годишниот јубилеј од формирањето на Националниот совет на Македонците во Србија, кое се одржа во Нови Сад, информираат од Министертвото за европски прашања. 

Во својот говор, Трајков го нагласила значењето на Националниот совет за зачувување на македонскиот јазик, култура и национален идентитет, изразувајќи благодарност за придонесот на Советот во зачувување на традицијата и поттикнување на меѓусебната соработка меѓу Македонците и српските граѓани.

-Вие сте мост меѓу двете држави и двата народа, кои отсекогаш биле блиски и пријателски. Вашата улога во зачувувањето на македонскиот јазик, култура и идентитет е од огромна важност и секогаш можете да сметате на поддршката од Република Македонија, истакнала Трајков.

Таа особено ги поздравила активностите на македонската заедница во Србија, кои вклучуваат издавање книги, емисии на македонски јазик и воведување на изборниот предмет „Македонски јазик со елементи на националната култура“, кој се изучува повеќе од една деценија.

Трајков ја искористила можноста да изрази благодарност до Република Србија за поддршката на правата на македонската заедница, истакнувајќи дека ова претставува пример за почитување на малцинските права кој треба да го следат и другите соседи.

Посетата на Нови Сад, велат од Министерството, ја потврдила посветеноста на нашата држава за зајакнување на добрососедските односи и поддршка на македонската заедница во дијаспората. сст/цр

фото: Министерство за европски прашања

 

 

Остани поврзан