Заменик-министерот и генералниот секретар од Министерство за цивилна заштита на Грција си поднесоа оставки
- Поради железничката несреќа кај Темпи пред две години и за да се истражи евентуална кривична одговорност заменик-министер за цивилна заштита и климатски промени на Грција Христос Триандопулос и генералниот секретар во истото Министерство Василис Папагеоргиу, кој се товари за можна интервенција на местото на несреќата, денеска си поднесоа оставки, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 4 март 2025 (МИА) – Поради железничката несреќа кај Темпи пред две години и за да се истражи евентуална кривична одговорност, заменик-министерот за цивилна заштита и климатски промени на Грција Христос Триандопулос и генералниот секретар во истото Министерство Василис Папагеоргиу, кој се товари за можна интервенција на местото на несреќата, денеска си поднесоа оставки, јави дописничката на МИА од Атина.
Триандопулос, кој во периодот кога се случи железничката несреќа кај Темпи беше министер брз ресор, минатиот месец најави дека ќе поднесе оставка кога ќе се донесе одлука за формирање парламентарна комисија за спроведување предистражна комисија за евентуална негова кривична одговорност, а со оглед на тоа што се очекува Парламентот доцна вечерва да даде зелено светло, заменик-министерот си поднесе оставка.
Од опозициската ПАСОК минатиот месец доставија предлог до Парламентот за формирање предистражна комисија за Триандопулос, бидејќи според нив постојат докази дека четири дена по железничката несреќа било интервенирано на просторот каде што се случи несреќата и станува збор за нелегални интервенции за кои треба да се истражи евентуална кривична одговорност на тогашниот министер без ресор.
Во грчкиот Парламент од рано утрово во тек е расправата за предлогот од ПАСОК и според најавите доцна вечерва ќе се изгласа формирањето предистражна комисија, со оглед на тоа дека и пратениците од владејачката Нова демократија ќе гласаат „за“.
Попладнево, оставка си поднесе и генералниот секретар за цивилна заштита Василис Папагеоргиу, кој во писмото упатено до грчкиот премиер посочи дека „примарна цел е олеснување на работата на грчкото правосудство во случајот Темпи“, но и дека ќе вложи максимални напори за да докаже дека немал никаква одговорност „за какви било оперативни дејствија или пропусти во врска со местото на несреќата“.
Според грчките медиуми, Папагеоргиу се соочува со обвинение за евентуално интервенирање на местото на несреќата. ср/паг/