• сабота, 28 декември 2024

Заменик-министерот за финансии на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон

Заменик-министерот за финансии на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон

Скопје, 18 април 2024 (МИА) - Заменик-министерот за финансии Филип Николоски заедно со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска од денеска до сабота ќе престојува во Вашингтон, каде ќе учествува на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, кои годинава се посветени на барање решенија за справување со глобалните предизвици, особено во делот на финансиите и знаењето, поттикнувањето на инвестициите во приватниот сектор, како и подготвеноста за идни кризи.

Заменик-министерот за финансии, како што најавуваат од Министерството за финансии, покрај учеството на состаноците во рамки на Пролетните средби, ќе  оствари средби и со високи претставници на Светска банка и ММФ, на кои се очекува да стане збор за макроекономските политики и очекувањата на среден рок, имајќи ги предвид реформите што претстојат, напредокот во ЕУ интеграцијата, како и предизвиците од поширокиот глобален контекст.

Во Вашингтон, заменик-министерот за финансии ќе се сретне со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Јуџин Ругенат, директорката на Светска банка за Западен Балкан Шиаочин Ју, а ќе оствари средби и со високи претставници од ММФ, односно со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и директорoт на ММФ за Европа Алфред Камер.

- РС Македонија и политиките што ги презема оваа Влада добиваат широка поддршка преку повеќе програми што се спроведуваат со овие меѓународни финансиски институции. Реформите се во согласност со Програмата за ликвидност и претпазливост со ММФ и се основа за задржување на здравите макроекономски политики во услови на криза. Исто така, поддршка на реформите е предвидена во рамки на петгодишната нова Рамка за партнерство со Светската банка и која веќе се имплементира од почетокот на оваа година. Целта е поддршка на поставените приоритети за обезбедување забрзан и одржлив економски раст, отпорност на кризи и подобрување на животниот стандард на граѓаните, велат од Министерството за финансии.

Пролетните средби на ММФ и Светска банка се одржуваат секоја година, а оваа година се во период од 15 до 20 април. На нив учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки на земјите членки, кои дискутираат за актуелните случувања во светската економија и на теми како намалување на сиромаштијата и потикнување на економскиот раст. бак/

Фото: Министерство за финансии

Остани поврзан