• среда, 25 декември 2024

Заменик-министерот за внатрешни работи Исени на Конференција на ИЛЕА алумни

Заменик-министерот за внатрешни работи Исени на Конференција на ИЛЕА алумни

Скопје, 19 септември 2024 (МИА) - Следната година ќе се навршат 30 години од постоењето на Меѓународната академија за спроведување на законот – јубилеј кој е за почит и годишнина која одразува зрелост, одржливост и посветеност на меѓународната соработка, на борбата против криминалот и на заедничката работа кон подобро утре. Ова денеска го истакнал заменик-министерот за внатрешни работи Астрид Исени на Конференција на ИЛЕА алумни, што во организација на ИНЛ секцијата при Амбасадата на САД во земјава се одржа во Скопје.

Како што информира МВР, Исени нагласил дека регионот на Западен Балкан за релативно краток временски период изминал и се уште изминува големи промени.

- Криминалот нe познава граници – тоа го знаеме сите. Добрата соработка, редовната комуникација, координацијата надополнети со размената на искуствата и експертизата помеѓу нас, се клуч за успех во сите сфери на полициското работење. Предизвиците пред нас се многу, голем дел од нив се и заеднички, а обемната поддршка која ни се пружа треба максимално да ја искористиме и да ја претвориме во нешто вистинско и опипливо, потенцирал Исени.

Тој изразил благодарност за постоењето и реализацијата на програмите на ИЛЕА за лидерство и менаџмент.

- Лично сум убеден за овие две програми дека се вистинскиот пат напред, што како тренд и патека на дејствување не се карактеристични само за земјава, за регионов, туку стануваат и глобални. Единствено што би сакал да дополнам е овие програми да бидат проширени за сите колеги во Министерството, односно да бидат достапни и за овластените службеници лица како навистина многу важна алка во процесот на секојдневното функционирање на Министерството за внатрешни работи, истакнал заменик-министерот Исени.

На денешната Конференција на ИЛЕА алумни присуствувале речиси сите посетители на ИЛЕА Академијата во периодот од 2021 до 2024 година, вработени во Царинската управа, Финансиската полиција, Јавните обвинителства, судовите, МВР и други институции за спроведување на законите, а меѓу нив најголемиот број доаѓаат токму од редовите на Министерството за внатрешни работи. мд/аа/

Фото: МВР

Остани поврзан