• среда, 18 декември 2024

Замбија ја прогласи сушата за национална катастрофа

Замбија ја прогласи сушата за национална катастрофа

Хараре, 29 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на Замбија, Хакаинде Хичилема денеска ја прогласи сушата што ја погоди земјата за национална катастрофа, велејќи дека го уништила производството на храна и производството на електрична енергија.

Како и другите соседни земји, Замбија е погодена од голема суша бидејќи временскиот модел на Ел Нињо ги влошува тешките временски услови кои се припишуваат на климатските промени.

Во обраќањето до јавноста, Хичилема рече дека им наредил на безбедносните сили повеќе да се фокусираат на производството на храна во земјата.

Тој рече дека 84 од вкупно 116 области во земјата се погодени од суша и властите ќе земат храна од подрачјата каде ја има поголеми количини и ќе ја дистрибуираат до сиромашните подрачја. Покрај тоа, земјата планира да увезува повеќе храна и апелира до агенциите на Обединетите нации и до локалните бизниси да помогнат.

Сушата уништи околу еден милион од 2,2 милиони хектари засадени со пченка, додаде тој.

Електричната мрежа, исто така, не е поштедена, при што земјата очекува дефицит на електрична енергија од околу 430 мегавати, што „потенцијално би можело да достигне 520 мегавати до декември“, бидејќи е забележано опаѓање на нивото на водата во главниот извор на хидроенергија во земјата, браната Кариба, која ја дели со својот сосед Зимбабве.

За да се справи со овој проблем, Замбија ќе увезува струја, а исто така ќе воведе и рационализирање на електрична енергија за околу 20 милиони луѓе.

Во делови од Замбија, Зимбабве и Боцвана февруари е најсушен во последните 40 години, додека сериозни дефицити на врнежи се пријавени во јужниот дел на Малави, источна Ангола и делови од Мозамбик, соопшти Светската програма за храна. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан