• вторник, 24 декември 2024

Замбија и Конго ќе разговараат за граничниот спор што влијае на протокот на минерали

Замбија и Конго ќе разговараат за граничниот спор што влијае на протокот на минерали

Лусака, 13 август 2024 (МИА) - Министерот за трговија и индустрија на Замбија, Чипока Муленга, пристигна во Конго за да разговара за трговскиот спор поради кој неговата земја ја затвори заедничката граница, загрозувајќи ја способноста на Конго да ги извезува своите минерали.

Официјални претставници на двете земји треба да се сретнат во градот Лумумбаши, кој се наоѓа во близина на границата.

Замбија ја затвори границата со северниот сосед во неделата, откако Конго воведе забрана за увоз на безалкохолни пијалоци и пиво од Замбија. Ова резултираше со протести на конгоанските камионџии во близина на пограничниот град Касумбалес. Замбиските деловни групи, исто така, ја критикуваа забраната.

Здружението на производители на Замбија соопшти дека може да создаде „опасен преседан за идните трговски односи“.

Одлуката на Замбија да ја затвори границата ја загрозува способноста на Конго да ги извезува своите минерали. Конго без излез на море има огромни резерви на злато, бакар и кобалт на своја територија.

Конго е и најголемиот светски производител на кобалт, кој е многу баран и се користи во батерии кои напојуваат електрични возила, паметни телефони и компјутери.

Министерството за трговија на Конго соопшти дека не добило формална жалба од Замбија пред затворањето на границата и ја доведе во прашање оправданоста за овој потег. Тие изјавија дека се надеваат оти разговорите во Лубумбаши ќе резултираат со „трајно решение“. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан