• недела, 01 септември 2024

Закрепнува царскиот орел што го спасија кочанските пожарникари, ќе биде вратен на Осоговските Планини

Закрепнува царскиот орел што го спасија кочанските пожарникари, ќе биде вратен на Осоговските Планини

Кочани, 7 август 2024 (МИА) – Брзо закрепнува повредениот и истоштен царски орел што пожарникарите од Доброволното противпожарно друштво од Кочани го однесоа во Зооолошката градина во Скопје, откако пред два дена го спасија од кров на викендичка на Пониква.

Птицата веќе почнала самостојно да зема храна и вода, со што се очекува за кратко време нејзината здравствена состојба да се подобри за да може да се врати во своето природно живеалиште.

Веднаш по спасувањето од громобранската инсталација, во која бил заплеткана птицата, во Кочани таа ја доби потребната интервенција од ветеринар. Потоа, беше транспортирана во Скопје, по претходен договор со Македонското еколошко друштво, чии членови повеќе години работеа на истражување на животинскито и растителниот свет на Осоговските Планини и по чија иницијатива тие добија статус
на заштитен предел.

Царскиот орел припаѓа на групата загрозени видови птици и се проценува дека во Македонија има само десетина двојки. Едно од неговите природни живеалишта е во околината на локалитетот Раткова Скала на Осоговските Планини. Поради пожарите кај селото Зеленград, кое е во непосредна близина на локалитетот, птицата била повредена, дезориентирана и не можела да се врати во своето гнездо.

Од ДПД – Кочани информираа дека по соодветното згрижување и целосното заздравување, орелот ќе биде пуштен во Осоговијата. та/цр

Фото: МИА

Остани поврзан