• среда, 25 декември 2024

Законите за јавна администрација ќе се креираат низ инклузивни дебати, се очекува до октомври да бидат во Собранието

Законите за јавна администрација ќе се креираат низ инклузивни дебати, се очекува до октомври да бидат во Собранието

Скопје, 31 јули 2024 (МИА) - До октомври се очекува да бидат вратени во Собранието предлог-законите за јавната администрација. Трите предлог-закони на претходното МИОА, кои новото Министерство за јавна администрација (МЈА) ги повлече од собраниска процедура, ставени се на електронскиот регистар на прописи (ЕНЕР) за да се подобрат низ серија дебати и дискусии што ќе доведат до квалитетни законски решенија. Се работи за Предлог-закон за вработени во јавен сектор, Предлог-закон за административни службеници и Предлог-закон за стручно усовршување и обука на административните службеници.

За таа цел денеска МЈА и Центарот за управување со промени со поддршка на Амбасадата на Велика Британија, ја организираа првата дебата „Идни заложби за добро управување и реформа на јавната администрација“ во рамки на од кампањата  „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација.

Министерот Горан Минчев истакна дека целта е квалитетна јавна администрација базирана на добри законски решенија и оти кампањата ќе опфати циклус дебати и работилници што ќе се организираат до октомври со вклученост на сите засегнати страни.

-Се работи за неколку законски решенија коишто МЈА ги повлече од собраниска процедура и веднаш отвора дебата за значајни промени коишто следуваат во овие законски решенија. Ова е прва дебата, во која беа вклучени неколку министерства, за реформи во јавната администрација како еден од главните приоритети и фокус на новата Влада. Се надеваме дека овој процес кој допрва почнува ќе има успешна завршница и дека ќе продуцира законски решенија што ќе бидат системски, квалитетни и применливи, затоа што тоа е првиот услов за да одиме кон вториот чекор, а тоа е добро едуцирана, обучена и системски поставена јавна администрација, изјави Минчев.

Посочи дека предложените закони се повлечени поради „реакции буквално од сите страни“ за низ инклузивен процес и партнерски однос со сите засегнати страни, вклучително и синдикатите и локалните самоуправи, да се дојде до, како што рече, „практично нови закони“.

 -Сакаме да го смениме пристапот, односот кон луѓето коишто се заинтригирани во овој процес, да ги вклучиме да бидат дел од овој процес, и практично да имаме не закони на Владата, туку заеднички закони. Јас немам илузија дека ќе бидат сите задоволни, но би сакал да постигнеме што е можно поголем степен на задоволство, на прифатливост кај сите засегнати страни, а со тоа и полесна примена на истите закони. Затоа што на хартијата можеме да направиме сѐ, но многу поважен е процесот на применливост на постојните законски решенија затоа што тоа е подолг процес, важен, а тоа може да се случи само ако има квалитетни системски законски решенија, изјави Минчев. 

На првата од серијата дебати, британскиот амбасадор Метју Лосон зборуваше за искуствата во неговата земја и порача дека треба да е јасна целта што треба да се постигне и за тоа да се издвојат ресурси. За процесите што се направени во неговата земја, посочи дека секое министерство треба да знае кои работи треба да ги промени во таа трансформација, „кои работи треба да ги испорача согласно вкупниот манифест на владата“ и да има јасен фокус на целта што треба да се постигне во одреден период.

-Треба да ви биде јасно што сакате да постигнете и да издвоите ресурси не само за целите, туку и за исходите, постои голема разлика меѓу овие две работи. Важно е да се има временска рамка и преглед на трошоците, а најоптимален  е период од три години. Тоа е доволен период за да може да испорачате конкретни промени во тој рок. Тоа беше многу важна концептуална промена,  рече Лосон.

Вицепремиерот задолжен за добро владеење Арбен Фетаи истакна дека квалитетна јавна администрација е од клучно значење за градење и одржување на довербата во Владата и во јавниот сектор.

-Бескомпромисната борба со корупцијата, реорганизирани и интегрирани институции и реформирана и, пред се, стручна и сервисно ориентирана јавна администрација, е предуслов за транспарентно, ефикасно и демократско владеење, рече Фетаи, според кого претстојниот период ќе има предизвици кога институциите ќе покажат свест за промени за да се создадат услови на приспособување на земјава кон стандардите и принципите на ЕУ.

Како што рече, отчетна администрација со јасна одговорност за што ќе бидат потребни соодветни законски решенија.  

За квалитетна јавна администрација која ќе биде вистински сервис на граѓаните, важна е и дигитализацијата на услугите што ги нудат институциите. Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, смета дека треба да се подобри процесот на нудење дигитални услуги за граѓаните и да се зголеми нивниот број. Посочи дека тој процес досега бил ад хок и несистематичен.

-Само 6 проценти од административните услуги што се нудат во каталогот на услуги што постојат за граѓаните се, всушност, дигитализирани. И потоа не треба да се чудиме зошто помалку од 150 000 луѓе во Македонија се регистрирале на порталот за услуги, а секој од нив користел помалку од една услуга на тој портал, кој постои веќе пет години. За какви дигитални услуги зборуваме ако тие воопшто не се достапни за граѓаните, а оние што се достапни не се воопшто интересни за да ги користат, рече Андоновски.

Посочи приоритети кои се клучни за градење отпорна, ефикасна и достапна дигитална инфраструктура, меѓу кои зголемување на бројот на услуги за граѓаните и за компаниите и интероперабилност и поврзаност и комуникација на институциите. хс/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан