• недела, 07 декември 2025

Законите за реформа на администацијата го поминаа комисискиот филтер во втора фаза

Законите за реформа на администацијата го поминаа комисискиот филтер во втора фаза

Скопје, 1 јули 2025 (МИА) – Членовите на  собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска дадоа поддршка за законите за реформа на администацијата - Предлог на законот за вработените во јавниот сектор,  Предлог на законот за административни службеници и Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, во второ читање. Пакетот закони беа проследени на понатамошна постапка во Собранието.

За Предлог на законот за вработените во јавниот сектор до предвидениот рок биле поднесени четири амандмани од овластени предлагачи, кои пред почетокот на седницата биле повлечени. За Предлог на законот за административни службеници не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи. За Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници бил поднесен еден амандман, кој пред почетокот на седницата на Комисијата бил повлечен.

Пакетот реформски закони за администрацијата, минатата недела беа усвоени во прво читање на пленарна седница, согласно со Стратегијата за реформи  на јавната администрација, Акцискиот план на Министерството за јавна администрација и Роковникот за европската агенда.

Соња Мираковска од Нова социјалдемократска партија (НСДП) во процедурално обраќање нагласи дека на пратениците не им е оставен предвидениот простор за поднесување амандмани, кој е два работни дена.

-Една лоша пракса се воведува во Собранието после новиот Деловник, со едно лошо толкување, што сметам дека не треба да биде вака. Имено, оваа седница е закажана на 27 јуни во 14:04 минути и рокот за поднесување амандмани е до крајот на работното време. Ако тој ден го сметаме до 18 часот, бидејќи имаше пленарна седница, тоа значи дека рокот е шест часа. Според Деловникот, според член 158 од Деловникот, амандман може да се поднесе најдоцна два работни дена пред одржување на седницата на матичното работно тело или на Законодавно-правната комисија. Јас знам дека вие ќе кажете оти во рок од седум дена се одржува второто читање, но информација за пратениците кога можат да поднесат амандмани и кога понатаму претседателот на Собранието да ги проследи до сите останати пратеници е денот кога претседателот на комисијата, на матичното тело ќе ја закаже официјално седницата на Собранието, а тоа е во случајот 27-ми и тоа значи дека на пратениците не им е оставен простор повеќе од четири часа или не им е оставен предвидениот простор за поднесување амандмани, кој е два работни дена. Тоа значи дека седницата требало да биде закажана после 48 часа или по два работни дена кои не се оставени. Затоа, прво замолувам оваа пракса да престане. Секогаш на пратениците да им бидат обезбедени два работни дена, за да можат да поднесат амандмани. И второ, сето она што го имам како амандмани, би сакала да го прифатите да го образложам заради вашата грешка, да го образложам како комисиски амандман. За сите закони имам амандмани кои сакам на крај да ги слушнете и да бидат предложени како комисиски ако прифатите, рече Мираковска.

Според Пренџов, ДУИ „продава“ лажен патриотизам, а обидот за какво било влошување на меѓуетничките односи не само што не е добро за никого, туку и нема да и го врати изгубениот рејтинг на пар

Претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов одговори на Мираковска. Нагласи дека на оваа седница на Комисијата ништо не е злоупотребувани и оти се е согласно Деловникот.

-Прво, некоректно е да кажете дека вие за материјали сте имале само четири часа. Она кое што е вистина, е тоа дека околу две недели Предлогот на закон е во Собранието и пред околу две недели сите овие предлог-законски решенија ви се доставени на мејл и вие ги знаете. Второ, во интерес на јавноста, медиумите и другите колеги пратеници, она што е факт е дека денеска имаме второ читање на овие две законски решенија, односно на прво читање веќе поминала во оваа иста комисија во и вие сте член и вие бевте присутна кога поминаа. Кога пред две недели ќе видите определено законско решенија, доколку сметате дека има простор за какви било подобрувања, тогаш вие имате две недели за амандмани кога и претседателот на комисијата да одлучи да ја свика комисијата. Трето, сакаме да бидеме на чисто, а тоа е дека ако нешто тука се работи, тоа се работи по Деловникот што го изгласавме сите овде во Собранието – 118 од 120 пратеници и Деловникот кој сите го поддржуваме барем досега беше така. И на крај, овие законски решенија како што кажав ги имавте две недели добиени на мејл, се согласно Реформите на ЕУ и се со европско знаменце. И сите оние процедури кои што ги бара Деловникот, се тотално почитувани, рече Пре3нџов. 

Тој посочи дека и пред секоја седница се консултира со правниците во Собранието кои се произнеле дека се е согласно Деловникот и законските прописи.

Пратеникот на „Европски фронт“, Елми Азири во процедурална забелешка побара материјалите кои се на денешната комисиска седница да бидат преведени и на албански јазик.

-Процедурално побарав врз член 49 од Деловникот на Собранието и што се однесува со член 3 од Деловникот на Собранието алинеја 4 која што вели: „избран функционер или именуванкој зборува на јазикот кој е различен од македонскиот јазик и кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Северна Македонија, материјалите ги примаат во реално време, се поднесуваат и на неговиот мајчин јазик и писмени, за да служат за седниците или комисиите. Јас ве повикувам сите да ја отворите страницата на Собранието и да видите дали се почитува Деловникот на Собранието. Јас сум многу свесен затоа што вие го ги знаете на памет сите членови на Деловникот, ги знаете и законите, го знаете и Законот за употребата на јазиците. Свесен сум дека секој од вас го знаете и Уставот. Не знам од каде ова инсистирање во континуитет во секоја фаза, во секоја процедура, во секоја институција, на арбитрарен, вулгарен и брутален начин не се почитува употребата на албанскиот јазик, едно право кое произлегува од Уставот и законите...Ако има препреки да се употребува албанскиот јазик во Собранието како највисок политички орган, тогаш се поставува прашањето што се случува во другите институции. Знам дека за вас нова не претставуваат ништо, бидејќи да имаше некое значење материјалите ќе беа и на албански јазик, рече Азири.

На забелешката на Азири, Пренџов рече дека материјалите на сајтот се и на албански јазик и ќе ја земат во предвид забелешката во текот на следните седници.фф/лв/

Фото: Принтскрин од видео

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан