• четврток, 26 декември 2024

Закажано продолжение на судењето за пожарот во тетовската модуларна болница

Закажано продолжение на судењето за пожарот во тетовската модуларна болница
Тетово, 14 октомври 2022 (МИА) - Во Основниот суд во Тетово денеска треба со почеток во 10 часот треба да се одржи рочиште во судскиот процес за пожарот во тетовската модуларната болница. Судењето требаше да почне на 6 септември, но беше презакажано за денеска, откако судијата Јордан Велковски го одложи почетокот на процесот поради отсуство на двајца од тројцата обвинети. Од обвинетите на првото рочиште присутен беше тогашниот директорот на Клиничка болница Тетово, Фљорин Бесими, додека отсутни беа економскиот директор Артан Етеми и докторот Бобан Вучевски. До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд - Тетово. Со тој предлог ОЈО Тетово ги обвини двајцата директори на Клиничка болница Тетово Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет,  електроинженер  и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија. Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше обвинителството. Тогашните двајца директори на тетовската болница поднесоа оставки, но останаа на функциите се до преструктуирањето во Владата. Пожарот во модуларната ковид болница се случи на 8 септември минатата година. Во огнената стихија која за неколку минути до темел го изгоре објектот, животот го загубија 14 луѓе, а повеќе пациенти беа тешко повредени. ас/сп/

Остани поврзан