• среда, 27 ноември 2024

Заинтересираните од Кратово да се пријават за дозволи за движење за време на полицискиот час

Заинтересираните од Кратово да се пријават за дозволи за движење за време на полицискиот час

Крива Паланка, 7 април 2020 (МИА) – Сите дежурни маркети и фирми-добавувачи на храна кои ќе работат за време на полициски час во Кратово за време на претстојниот викенд 11 и 12 април, да се пријават до утре во Општина Кратово за обезбедување дозволи за движење за време на полицискиот час.

-Врз основа на препораките на Влада на Република Северна Македонија, ги информираме  граѓаните дека за време на полицискиот час овој викенд, 11 и 12 април 2020, сите маркети, фирми и ресторани во општина Кратово кои се подготвени и имаат желба да се вклучат во активности за набавка и достава на потребните намирници и храна, потребно е да се пријават на е-мејл адресата contact.kratovo@gmail.com или пак на телефонските броеви: 031 481 202 и 070 75 77 77  најдоцна до утре, 8 април 2020, до 15 часот за добивање дозвола за движење. Со дозволите ќе биде овозможено вработените кои ќе доставуваат храна од 8 до 15 часот, непречено да се движат низ општината во сабота и недела, информираат од локалната самоуправа на Општина Кратово.

Оттаму посочија и дека лицата кои одгледуваат живина и други домашни животни на територијата на Кратово и имаат реална потреба за движење за време на полицискиот час, а не се регистрирани како земјоделци, потребно е да се пријават на општината или на гореспоменатите телефонски броеви до четврток, до 15 часот. Дозволата за движење ќе биде овозможена за еден член од семејството и тоа исклучиво во временскиот интервал од 6 до 8 часот наутро и попладне од 15 до 16 часот во сабота и недела.

-Укажуваме на лицата да ги почитуваат новите препораки на Владата, и движењето да го користат исклучиво за работни обврски, со цел заеднички да придонесме во справувањето со коронавирусот во нашата држава, додаваат од Општина Крива Паланка. иб/ир

Остани поврзан