• вторник, 12 ноември 2024

Заедничко соопштение ЕУ-Западен Балкан: Потврдена соработка во правосудството и внатрешните работи

Заедничко соопштение ЕУ-Западен Балкан: Потврдена соработка во правосудството и внатрешните работи

Будва, 28 октомври 2024 (МИА) – Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан, што се одржува во Будва, ја потврди силната регионална посветеност и блиската соработка во областа на правдата и внатрешните работи, се вели во заедничкото соопштение објавено вечерва на веб-страницата на Советот на ЕУ после првиот ден од форумот.

На средбата се разговараше за прашања од внатрешните работи, како што се борбата против транснационалниот организиран криминал и илегалната трговија, како и зајакнувањето на управувањето со миграцијата, азилот и управувањето со границите и Акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан.

Учесниците, се додава во заедничката изјава на министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, се согласија да продолжат да ја зајакнуваат соработката во борбата против регионалните и транснационалните организирани криминални мрежи, кои се вклучени во нелегална трговија, вклучително и криумчарење на мигранти и трговија со луѓе, дрога и огнено оружје.

- Заедничките напори затоа ќе продолжат, особено преку Европол и во рамките на Европската мултидисциплинарна платформа за борба против криминалните закани (ЕМПАЦТ), се вели во соопштението.

Во исто време, се истакнува дека за решавање на феноменот на дрога е потребен интегриран, мултидисциплинарен и избалансиран пристап заснован на докази, кој има за цел да ја намали понудата и побарувачката на дрога, како и штетите поврзани со дрогата.

- Европската унија и Западен Балкан ја поздравија работата и поддршката на релевантните агенции и тела на ЕУ и новите можности за понатамошна соработка во регионот и пошироко. Европската унија ја поздрави втората фаза од Мапата за сеопфатна контрола на малото оружје и лесното оружје во регионот до 2030 година, која беше поддржана од сите партнери од Западен Балкан, се наведува во соопштението.

Во врска со зајакнувањето на управувањето со миграцијата, азилот и границите, се наведува дека ЕУ и партнерите од Западен Балкан го препознале постигнатиот напредок во имплементацијата на Акциониот план на ЕУ за Западен Балкан, претставен од Европската комисија во декември 2022 година.

Европската унија и Западен Балкан, се додава, ја повторија нивната заедничка посветеност за решавање на проблемот со илегалната миграција, со цел зајакнување на заштитата на границите и борбата против криумчарењето мигранти, во согласност со Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти.

Дискусиите, се подвлекува во соопштението, биле фокусирани на тековните напори за воспоставување одржливи системи за азил и прием на мигранти и за обезбедување на ефективно враќање на мигрантите без право на престој во нивните земји на потекло.

Европската унија, исто така, потсети на својата зголемена политичка и финансиска поддршка на регионот во областа на миграцијата и ги повика партнерите од Западен Балкан да направат понатамошен напредок во усогласувањето на нивната визна политика со списокот на земји на ЕУ за кои е потребна виза, имајќи го предвид покажаниот ефект на визната хармонизација со политиката на ЕУ за намалување на нерегуларните гранични премини долж рутата.

Покрај тоа, партнерите од Западен Балкан беа информирани за системот за влез-излез (ЕЕС) и за Европскиот систем за информации и овластување за патување (ЕТИАС), како и за напредокот постигнат кон усвојувањето на новиот Заеднички акционен план за борба против тероризмот за Западниот Балкан во 2025 година, се наведува во соопштението на веб-страницата на ЕУ.

На денешниот состанок на годишниот министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи присуствуваа министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер, чија земја претседава со Советот на ЕУ, како и европската комесарка за внатрешни работи, Илва Јохансон и партнери од Западен Балкан. На средбата присуствуваа и претставници на Европската служба за надворешни работи, повеќе агенции на ЕУ и претставници на претстојното полско и данско претседавање со Советот на ЕУ, а гостин беше и претставник на Клириншката куќа за контрола на малокалибарско и лесно оружје за Југоисточна и Источна Европа (СЕЕСАЦ).

Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан се одржува денеска и утре во Будва. јт/

Остани поврзан