• среда, 25 декември 2024

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина

Скопје, 18 ноември 2024 (МИА) - Владите на Северна Македонија и на Косово денеска напладне во Приштина ќе одржат заедничка седница.

Според агендата што ја објавија двете влади, по официјалната церемонија и заедничката фотографија, предвидено е пред почетокот на меѓувладината седница, односно од 11:20 часот да се одржи тет-а-тет средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и премиерот на Косово, Албин Курти, како и тет-а-тет средби помеѓу министрите од двете Влади.

По завршување на меѓувладината седница, ќе бидат потпишани билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области.

Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини каде се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Република Косово-Република Северна Македонија.

Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце - Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување, и начинот на одржување на објектите.

Третиот документ кој ќе се потпише е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Страните се согласни да работат заедно со цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави, имајќи ги предвид законските прописи на двете држави, со кои се уредува нивната работа. Страните со меморандумот се согласни за размена на искуства за стручното образование и обука, вклучително размена на информации за начинот на функционирање на регионалните центри за стручно образование и обука.

Во 13:45 часот ќе биде одржана заедничка прес-конференција на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Мицкоски и претседателот на Владата на Република Косово, Курти.

Владата на Косово, во пресрет на заедничката седница на владите на двете држави што ќе се одржи утре во Приштина, вчера одржа електронска седница, на која усвои две иницијативи поврзани со соработката со Северна Македонија.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во соопштението од кабинетот на ксовскиот премиер, Албин Курти се наведува дека е усвоена иницијатива за склучување на „Протоколот меѓу двете влади за спроведување на Договорот меѓу Владата на Република Косово и Владата на Република Северна Македонија за заедничките гранични премини Генерал Јанковиќ - Блаце и Глобочица - Јажинце“.

Според соопштението, усвоена е и иницијативата, за „потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за економија на Република Косово и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, во секторот енергетика во согласност со нивните политики и стратегии“.

Првата заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово беше одржана во Скопје на 16 септември 2021 година. Тогаш беа потпишани 11 договори и меморандуми за соработка. вг/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан