• среда, 25 декември 2024

Заев: Ќе сторам се достојно да ја предводам СДСМ и во наредниот период

Заев: Ќе сторам се достојно да ја предводам СДСМ и во наредниот период
Скопје, 21 март 2021 (МИА) – Ја примив вашата порака, ми укажавте голема чест третпат да ја извршувам должноста и да бидам прв меѓу еднаквите во мојот Социјалдмократски сојуз на Македонија. Чувствувам голема одговорност и обврска да ги оправдам вашите очекувања за СДСМ, но и за нашата татковина, порача Зоран Заев по изборот за претседател на СДСМ на првите непосредни внатрепартиски избори. -Ќе сторам се достојно да ја предводам СДСМ и во наредниот период и во следните четири години да остане одлучувачка сила и моќен погон – локомотива која ќе го движи целото општество напред и само напред, рече Заев и додаде дека вистинските државотворни партии ја имаат и одговорноста постојано да ја унапредуваат демократијата и слободата и во своите редови, но и во татковината. Денеска, потенцира, сме горди бидејќи заедно испишавме историја. -Во годината во која одбележуваме 30 години од независноста на државата, СДСМ е повторно прв во промените. Ние уште еднаш потврдуваме дека сме првата партија во реформите, модернизирањето и унапредувањето на севкупните демократски процеси. СДСМ ја подигна својата внатрепартиска демократија на највисоко ниво со правото на секој член демократски да гласа за  или против, истакна Заев. Изборот или реизборот на претседателот на партијата, како што рече, не е само врвен демократски дострел, туку предвесник на промените на менталитетот на македонскиот политички плурализам. Најави дека во март, април и мај ќе се одбележат значајни поглавја во постоењето и делувањето на СДСМ. Во март, посочи, се случија првите внатрепартиски избори, во април ќе го одбележиме јубилејот 30 години СДСМ, а во мај ќе се одржи конгресот на партијата. -Следува нова политика. Доаѓањето на пролетта  го означува почетокот на нашата пролетна офанзива  за нов пресврт на политичкото делување на СДСМ и Северна Македонија.  Следува реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, ќе внесеме нова енергија во нашите редови и ќе ги отвориме вратите за сите оние кои се блиски од социјалдемократските идеи, ќе ја продлабочиме започнатата борба против високата корупција и организираниот криминал и ќе ја креваме мотивацијата на нашите граѓани. СДСМ ќе продолжи да се менува за уште подобро да им служи на граѓаните, вети Заев. Нагласи дека за многу кус период добил доверба од граѓаните на последните парламентарни избори да ја води Владата, доверба од пратениците во Собранието, а денеска и од македонските социјалдемократи. Прашан за коментар за гласачките ливчиња против и неважечките ливчиња, лидерот на СДСМ рече дека тоа е доказ дека нема идеален човек, дури и, како што рече, кога ја води својата партија кон победи, кон историски вредности како овие демократски процеси, кон успеси исполнувајќи ги стратешките цели на државата, но и пред се и над се очекувањата дома на граѓаните во смисла на владеење на правото и правната држава, унапредување на севкупните општествени сектори и дејности коишто се секојдневие на луѓето. -Во демократија имате и против, а нашите социјалдемократи се и граѓаните на Северна Македонија, еве имаме и неважечки гласови. Ние имаме преку 80 илјади членство од кои 61 997 излегле на гласање, тоа е 89,9 проценти. И тоа е голем процент и сум благодарен и логично е дека имаме и против затоа што не можам ниту јас, ниту кој било човек да ги исполни очекувањата на сите. Тоа за мене е порака да бидеме уште подобри, да работиме уште повеќе, веројатно да бидеме уште подостапни, рече Заев. Овој денешен успех, додаде,  не е само мој успех. -Ова е успех на сите социјалдемократи предводени од актуелното раководство на СДСМ. Да, ветив нова политика, кадровско освежување, отворање на вратите на сите коишто веруваат во социјалдемократските идеи без разлика дали се членови или се само симпатизери на СДСМ. Единството во СДСМ е причината за нашите победи и за нашите усовршувања од демократски и слободарски аспект, единството во СДСМ е причината и за модернизацијата на оваа партија и верувам дека тоа единство ќе остане примат во градењето на нашите идни политики, но и кадровски преструктуирања, истакна Заев. Потенцира дека е многу рано да се каже кој ќе биде во следното раководство на СДСМ заради тоа што допрва почнуваат постапки на предлагање од месните одбори, месните организации, извршните одбори, општинските изборни конференции. -Кадровските промени во СДСМ се од аспект на воспоставување на највисоките органи и тела на партијата, а тоа е Централниот одбор, Извршниот одбор, потпретседателите на партијата и секретарската структура од тројцата секретари – генералниот секретар, организациониот секретар и секретарот за меѓународна соработка. Досега имавме пет претседатели, порано имавме и шест, сега ќе имаме не повеќе од три потпретседатели, појасни Заев и додаде дека е прерано да се каже кој ќе ги заземе овие врвни функции. На прашањето дали планира промени во владиниот состав, рече дека е задоволен од перформансот на Владата. вј/скс/

Остани поврзан