• среда, 18 декември 2024

Заев се сретна со Ердоган, поинтензивна соработка и повеќе инвестиции од турски компании

Заев се сретна со Ердоган, поинтензивна соработка и повеќе инвестиции од турски компании
Скопје, 5 јуни 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на работна вечера во Истанбул разговараа за взаемните пријателски односи меѓу двете држави исполнети со динамична соработка во повеќе области, информираше владината прес-служба. Заев, придружуван од министерот за здравство Венко Филипче, од денеска попладне е еднодневната работна посета на Турција. Тој на средбата со Ердоган ја потенцирал, како што стои во соопштението од Владата, исклучително добрата економска соработка меѓу двете земји и нагласениот интерес на турските компании да инвестираат во Северна Македонија и да ги продлабочуваат деловните и трговски врски.
-Економската и трговската соработка се витални, рекол за време на работната вечера премиерот Заев и додал дека во таа насока се очекува поинтензивна динамика со новиот договор за слободна трговија кој е во подготовка, кој има за цел да отвори повеќе врати за турските инвеститори. -Премиерот Заев и претседателот Ердоган споделија дека Северна Македонија и Турција, како сојузници во НАТО, се поврзани и со исти вредности по однос на мирот и стабилноста во регионот, преку добрососедски односи и регионална соработка, како и во борбата против тероризмот согласно со домашното право на двете земји, како и со меѓународното право, стои во соопштението.
Претседателот Ердоган, наведуваат од Владата, во делот на своето добредојде до гостите истакна дека во срцата на граѓаните на Турција, Северна Македонија има посебно место како земји кои имаат одлични односи и длабоки историски врски. Ердоган потенцираше дека и покрај пандемијата двете земји имаа одлична трговска размена во 2020 година и дека тој ќе продолжи да ги мотивира турските компании уште повеќе да инвестираат во Северна Македонија. Според владиното соопштение, на средбата во Истанбул е истакнато дека Турција ќе продолжи да ја помага Северна Македонија во борбата против пандемијата, со желба да се продлабочи соработката и во областа на здравството. Премиерот Заев, пак, изразил надеж дека Ердоган наскоро ќе ја посети Северна Македонија, како континуитет на заемните посетите на највисоко политичко ниво и како видлив придонес за унапредување на односите. Заев претходно имаше средба и со заменик-гувернерот на Истанбул Зекерија Гунеј.лв/

Остани поврзан