• среда, 25 декември 2024

Заев: Северна Македонија е посветена на колективната безбедност на НАТО

Заев: Северна Македонија е посветена на колективната безбедност на НАТО
Брисел, 14 јуни 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев при неговото пристигнување на првиот Самит на НАТО на кој Северна Македонија учествува како полноправна земја членка на Алијансата, изјави дека земјава е целосно посветена на колективната одбрана, јави дописничката на МИА од Брисел. - Ова е прв самит за Северна Македонија како полноправна членка и прв самит за НАТО со 30 земји членки, ова е голем успех и за Северна Македонија и за НАТО. Членството во НАТО беше остварување на нашата стратешка цел, а Алијансата ја подобри стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан, рече Заев, кој ја преводи македонската делегација на Самитот, во чиј состав се и министрите за одбрана и за надворешни работи, Радмила Шекеринска и Бујар Османи. Премиерот додаде дека Северна Македонија е посветена на изградба на Западниот Балкан на 21-от век, како регион на стабилност и просперитет за сите граѓани. - Тука сме да ја потврдиме нашата обединетост, кохезија и солидарност во справувањето со идните предизвици. Ги делиме истите вредности и стоиме рамо до рамо во Алијансата, посветени сме на колективната безбедност, посилни сме заедно, рече премиерот пред почетокот на самитот. Според најавите околу 17 часот Заев ќе оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев, на кој ќе стане збор и за претстојниот клучен министерски состанок на ЕУ на кој треба да се донесе одлука за одржување на првата меѓувладина конференција, односно формалното започнување на преговорите на земјава со Унијата, што засега сѐ уште е блокирана од Софија. - Сите средби донеле бенефит, очекуваме исчекори и подобра иднина за сите наши граѓани, очекувам дека низ разговори можеме да најдеме решение, рече Заев, потсетувајќи дека Северна Македонија е кандидат за членство со препорака за почеток на преговори повеќе од 16 години. - Очекувам нашиот прв, источен сосед, Бугарија конечно да даде поддршка за првата меѓувладина конференција, дополни премиерот. тм/сп/

Остани поврзан