• среда, 20 ноември 2024

Заев: СДСМ е верна и посветена на граѓаните и на државата

Заев: СДСМ е верна и посветена на граѓаните и на државата
Скопје, 21 април 2021 (МИА) - Минатото и сегашноста се нашиот темел, нашата сила - зачекори кон иднината. Пред нас е важен период, особено во надминување на последиците од коронакризата, ставање конечен крај на падемијата и раст на нашата македонска економија. Како и досега СДСМ и во овие процеси ќе покаже одговорност, државотворност, храброст и посветеност и заедно со граѓаните ќе ги надминеме предизвиците што стојат пред нас и заедно со граѓаните повторно ќе бидеме на победничка страна на светлата страна на македонската историја.
Ова вечерва го истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев на одбележувањето на 30-тиот роденден на партијата. Најави дека и во иднина ќе работат одговорно и посветено во интерес на граѓаните и државата, а промените ќе продолжат во мај кога ќе се одржи конгресот на партијата.
Заев истакна дека СДСМ е државотворна партија и потсети на меѓународното признавање, приемот во ООН, создавањето на македонската Армија, Охридскиот рамковен договор, поголемиот степен на децентрализација со територијалната поделба, градењето модерно демократско општество, па се до кандидатскиот стаус за ЕУ, Договорот од Преспа, решавањето на отворените прашања со соседите, приемот во НАТО, создавањето едно општество за сите, одлуката за почеток на преговорите со ЕУ.
Нагласи дека со храброст и визија ја презеле одговорноста да ја водат новата Влада и, како што рече, веднаш покажале огромна разлика. - Ги вративме слободата и демократијата, ги отворивме институциите, се посветивме на мерките и политиките кои донесоа економски раст, повисоки плати и пензии и повисок животен стандард, рече Заев.
На меѓународен план, како што посочи, државата е вратена на патот на евроинтеграциите, решен е долгогодишниот спор со Грција, заштитен е идентитот и земјава е 30 земја членка на НАТО.
Заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска во своето обраќање порача дека избрале да бидат одговорни и да се справат со задачи кои, како што рече, изгледале неверојатни.
-Битката низ која се калевме не направи посилни да испорачаме резултати на овие крупни прашања. По 30 години зборување ова беше Владата која на своите граѓаните им испорача членство во НАТО, рече Шекеринска. Потсети дека работеле и на други важни прашања, како битка за минимална плата, едно општество за сите...
Преку видео обраќање се обрати и генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски, кој порача дека ќе продолжи борбата против криминалот и обезбедувањето на правда за сите. Нагласи дека во внатрешно партиското делување поставиле нови и високи стандарди, а со нов начин на работа, според него, СДСМ се гради како најодговорна и отворена партија во земјава, за нови членови и идеи.
Се обратија и Едмонд Адеми, претставници од Форумот на жени на СДСМ, од младите, од повозрасните членови на партијата... мд/бак/
 

Остани поврзан