• среда, 25 декември 2024

Заев: Посветени сме на вториот круг, да го подобриме резултатот и веруваме во тоа

Заев: Посветени сме на вториот круг, да го подобриме резултатот и веруваме во тоа
Скопје, 21 октомври 2021 (МИА) - Посветени сме на вториот круг, да го подобриме резултатот и веруваме во тоа, затоа што правиме обединување, затоа што имаме сериозна државна национална коалиција. Во 19 општини водиме во првиот круг, ама имаме шанса во 32, изјави вечерва премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21. Вториот круг, рече Заев, навистина е важна работа затоа што се важни општините, но и Градот Скопје, за кој посочи дека секојпат е симболот на победата. -Веруваме дека може да се направи пресврт во градот Скопје, заради тоа што вториот круг е многу порасчистена, поразбистрена ситуацијата, е црно бело, така да кажам, и верувам дека успехот е можен, рече Заев.

Во однос на резултатите од првиот круг, Заев рече дека резултатот не бил очекуван, но дека се задоволни што имаат девет општини со избрани градоначалници од редовите на СДСМ и коалицијата.

- Во 19 општини водиме во првиот круг, а сме влезени во вториот круг. Од 32 општини, апсолутно само со математиките на обединувањето, затоа што правиме обединување, затоа што имаме сериозна државна национална коалиција, стануваат 22 каде што водиме, ама имаме шанса во 32. Тоа покажува грубата математика и аналитика која што ја имаме, рече Заев.

Обединувањето, посочи, го правиме доминантно со граѓаните.  

- Веруваме дека до крај ќе можеме да ги максимилизираме гласовите, сакаме граѓаните да се осетат предизвикани да ја почувствуваат потребата дека секој има на некој начин должност да одлучи, негово право е да одлучи, ама  да одлучи во кој правец градот, неговата општина ќе се движи и затоа верувам дека ефектите ќе ги видиме во вториот круг, изјави Заев.

Анализирајќи ги гласовите, Заев рече дека СДСМ не загуби од ВМРО-ДПМНЕ, кое, како што посочи, ако го споредувате со било кој претходни избори има понизок број на гласови. -Коце Трајановски имаше 101 илјада гласа во 2017 година, Петре Шилегов имаше 141 илјада гласови. Даниела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ сега имаат 85 гласови заедно со Алијанса на Албанците, кои што гласаа за неа. Ако ги споредите гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе ги минусирате тие од Алијанса, се помалку дури и од лани, кога имаа 79 илјади, сега имаат 78 или 77 илјади. ВМРО-ДПМНЕ, ако во нешто е константен, тоа е дека паѓа, изјави Заев.
Тој, исто така, ги повика граѓаните да се обединат околу концептот што води напред, додавајќи дека СДСМ ја разбрала нивната порака и по неа постапува.
- Видовме што е граѓанството во Скопје, ништо не сме ние без граѓаните, затоа што граѓаните знаат се, најинформирано е Скопје, најупатено е Скопје, знаат се. Ќе се формира граѓански совет. Крупните рапиди, буџет, програми, репрограми, нов ребаланс на буџетот, важните работи ќе ги одлучува граѓанскиот совет, после тоа ќе носи политички одлуки од советот на општината, па потоа градоначалникот ќе имплементира, ќе спроведува. Затоа што видовме колку се моќни граѓаните и тие мора да бидат инволвирани внатре, комплетно. На локално ниво во носењето одлуки ќе бидат вклучени и младите. Оваа власт дава можност, младински совети, нов Закон за млади, за младите да бидат внатре во процесите, тие мора да бидат креатори на иднината, да бидат инволвирани. Има многу што научивме од граѓаните и тоа ќе го имплементираме, истакна Заев, во гостувањето на ТВ 21. аа/вј/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан