• среда, 27 ноември 2024

Заев - Пејчиновиќ Буриќ: Конфликтите во регионот се минато, соработката е нашата сегашност и иднина

Заев - Пејчиновиќ Буриќ: Конфликтите во регионот се минато, соработката е нашата сегашност и иднина
Скопје, 1 јули 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев на маргините на „Преспа форум дијалог“ ја прими генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, при што и изрази благодарност за нејзиното учество на големиот меѓународен настан во Охрид, имајќи го предвид искуството и непосредно познавање што таа го има за нашиот регион и претставува исклучителен придонес во дебатите на Форумот. За време на средбата, како што соопшти владината Прес-служба, премиерот Заев ја истакна долготрајната соработка, поддршката, како и партнерството меѓу Северна Македонија и Советот на Европа во воспоставувањето на стандардите и следењето на нивната имплементација во сферите со првенствен интерес на ова европско тело во областите на демократијата, човекови права и владеење на правото. Во текот на разговорот беше потенцирана исклучителната соработка и поддршка од Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје уште од нејзиното основање во 2012 година, кои опфаќаат различни проекти за соработка. - Внатрешните реформи се наш стратешки ангажман и процес што го спроведуваме за нас и за нашите граѓани, за да можеме да го подобриме животниот стандард на нашите граѓани, истакна премиерот Заев. Тој додаде дека европеизацијата е суштинска за нашата интеграција и во тој дел Северна Македонија оди напред и очекува ЕУ да ги тргне пречките за отпочнување на преговарачкиот процес за членство што е можно поскоро. - Северна Македонија и Советот на Европа се партнери во изградбата на општества во кои ќе се исполнува мисијата на Советот на Европа да не се повторуваат конфликтите како тој од времето на Втората светска војна и дека единствен начин тоа да се реализира е решавање на конфликтите со правните и политичките алатки како што се дијалогот и почитувањето на човековите права, се додава во соопштението. Во тој дух генералната секретарка на Советот на Европа Марија Пејчиновиќ Буриќ истакна дека и настанот „Преспа форум дијалог“ е во чест на дијалогот и пријателството како начини за решавање на отворените прашања и дека тие се вратени во регионот, меѓу другото, и благодарение на лидерството и храброста на премиерот Заев и на одлучноста на Северна Македонија да решава проблеми. - На средбата стана збор и за охрабрувачките позитивни оценки забележани во последниот извештај на Советот на Европа за Северна Македонија, како што се: законските реформи за поголема независност на судството, подобреното опкружување кога станува збор за слободата на медиумите, пристапот на јавноста до информации од јавен карактер, зајакнување на органите за борба против корупција, подобрување на законодавството за антидискриминација, како и некои други реформски процеси, стои во соопштението од Владата. мд/сп/

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан