• петок, 20 декември 2024

Заев на средба со романската амбасадорка: Романија целосно ги поддржува европските перспективи на нашата држава

Заев на средба со романската амбасадорка: Романија целосно ги поддржува европските перспективи на нашата држава
Скопје, 11 февруари 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со новата амбасадорка на Романија во државата, Адела Моника Аксинте, на која беше изразена целосна поддршка од Романија за европските перспективи на нашата земја, но и заедничка определба за натамошно унапредување на билатералната соработка. На состанокот, како што соопштија од владиниот кабинет, изразена е целосна поддршка од Романија за европските перспективи на нашата држава, и е оценето дека тоа е стратешки интерес на целиот регион и на Европа. -Во таа насока е пренесена силна порака на охрабрување, нашата земја да продолжи на патот на реформите коишто се во насока на доброто на граѓаните, како и на патот на остварувањето на стратешките цели. Констатирано е, исто така, дека членството на Република Северна Македонија во НАТО е придонес во безбедноста на целиот Балкан, а поздравени се и политиките на развивање на мултиетничноста и мултикултурата во земјата, како добар пример во пошироки рамки, се наведува во соопштението на Владата. Заев се заблагодарил за пријателството и поддршката од Романија и упатил поздрави до владино-државниот врв во Романија, како и покана за посета на нашата држава, кога ќе има услови за тоа. Премиерот Заев изрази посебна благодарност што во Романија, 8 декември, денот на св. Климент Охридски е прогласен за Ден на македонскиот јазик. -Работиме на европски начин, преку политики на дијалог и се заложуваме за европски вредности. Минатото го поставивме како гаранција за иднината на граѓаните и државата и во таа насока продолжуваме. Сега сме фокусирани на заштитата и помош на граѓаните и субјектите засегнати од пандемијата на здравствено-економски план. Економијата е стабилна и нашата цел е, заедно со перспективите кон ЕУ, да отвораме економски перспективи за граѓаните и стопанството, посочил премиерот Заев. На средбата е изразена заедничка определба за натамошно унапредување на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Романија во областа на економијата и трговијата и преку поврзување на стопанските комори на државите. Од Владата соопштија дека се гледаат можности и за продлабочување на соработката и во областа на енергетиката, транспортот, туризмот, културата, образованието.бт/скс/

Остани поврзан