• петок, 27 декември 2024

Заев на петгодишнината од УМТ: Почитувајќи ги разликите на секоја заедница, воспоставуваме разбирање, толеранција и заедништво

Заев на петгодишнината од УМТ: Почитувајќи ги разликите на секоја заедница, воспоставуваме разбирање, толеранција и заедништво
Скопје, 8 октомври 2021 (МИА) - Образованието на јазикот и писмото на секоја етничка заедница, како основи на националниот идентитет преку кои се чува и се афирмира духовното наследство, претставуваат и потенцијал за општествена интеграција, кохезија и развој на една заедница која не може да опстојува изолирана и самодоволна, истакна денеска премиерот Зоран Заев, на одбележувањето на петгодишнината од основањето на Универзитетот „Мајка Тереза“. - Основањето на Универзитетот „Мајка Тереза“, произлегува и од нашата должност и одговорност да ги почитуваме, чуваме и негуваме етничките, националните, верските и културните разлики на секоја заедница, користејќи го потенцијалот за воспоставување комуникација, разбирање, толеранција и заедништво, нагласи Заев. Честитајќи го јубилејот и изразувајќи задоволство што е дел од настанот, премиерот истакна дека Универзитетот „Мајка Тереза“, од своето основање до денес стана сериозен чинител во системот на високото образование во земјава. - Одлуката за основање на Универзитетот и за создавање на уште еден кампус во главниот град на нашата земја на кој наставата ќе се одвива на албански јазик, според современи стандарди за високо образование, наука и истражување, ја прифативме како општествена инвестиција во интерес на младите генерации, рече Заев, додавајќи дека низ овие пет години остварувањето на мисијата на Универзитетот ги прошири своите димензии и денеска настава на одделни студиски програми се одвива и на македонски јазик. Тој посочи дека Универзитетот „Мајка Тереза“, каде на пет факултети, од кои четири од технички-технолошки профил и еден за општествени науки, и каде се образуваат речиси 3.000 студенти, ја остварува својата мисија при формирањето да создава кадри од техничко-технолошките профили како предуслов за забрзување на економскиот развој и за зајакнување на социјалната кохезија на општеството. Испраќајќи порака, дека студентите се лидери на иднината и дека обврска на сите е да им создаваме услови за исполнување на нивните соништа и амбиции, за стекнување солидно, европско образование за да живеат исто, дома, како и нивните врсници во Европа, премиерот Заев подвлече дека како одговорност пред Владата останува завршување на постапката за трајно просторно сместување на Универзитетскиот кампус во кругот на касарната „Илинден“, со што, како што подвлече, ќе се создадат услови за изградба на Универзитетскиот комплекс, што како проект е дел од Програмата на Владата. см/сп/

Тагови

Остани поврзан