• четврток, 26 декември 2024

Заев - Копач: Политиките на Владата за обновливи извори ја имаат поддршката од Секретаријатот на Енергетската заедница

Заев - Копач: Политиките на Владата за обновливи извори ја имаат поддршката од Секретаријатот на Енергетската заедница
Скопје, 13 септември 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, на која, како што информираат од Владата, била изразена благодарност за поддршката што ја дава Секретаријатот за имплементација на законодавството во делот на енергетиката. Како што се наведува во соопштението од Владата, позитивно бил оценет напредокот во реформите во легислативниот дел, во насока на имплементација на Третиот енергетски пакет на законодавството на Европската Унија. На средбата, Заев истакнал дека за разлика од минатото, сега Владата активно работи на искористување на сонцето, ветерот и водата за постепено менување на производството на електрична енергија од јаглен кон производство на електрична енергија од обновливи извори. Заев информирал за различните фази на инвестициите, споменувајќи ја фотонапонската електрана во Осломеј од 10 мегавати, која, како што се наведува, до крајот на октомври годинава ќе биде готова, односно вкупно 170 мегавати електрани на сонце или 10 пати повеќе од 17-те мегавати изградени во претходните 11 години. Истакнувајќи дека Владата е насочена кон обезбедување погодни услови за инвестирање особено во енергетскиот сектор, премиерот Заев подвлекол дека со донесувањето на Законот за стратешки инвестиции, се отворени можностите за препознавање на заложбата на Владата од страна на големите инвеститори при што се подобрени условите. Веќе неколку сериозни инвеститори, велат од Владата, доставиле официјални проекти за стратешки инвестиции како што се „WPD“ од Германија за изградба на 415 мегавати ветерна електрана,  „EFT Group“ за изградба на 80 мегавати фотонапонска електрана, а неколку други сериозни инвеститори искажале интерес за инвестирање во големи енергетски инфраструктурни објекти, односно проекти вредни стотици милиони евра. Директорот Копач, кој учествуваше на „Македонскиот енергетски форум 2021: Мапирање на енергетската иднина“, што денеска и утре се одржува во Скопје, до премиерот Заев упатил честитки за позитивниот исчекор направен во изминатиот период посочувајќи дека земјата бележи напредок во однос на имплементацијата на законодавството на Европската Унија од областа на енергетиката. На состанокот, се вели во соопштението, позитивно биле оценети досегашните реформски процеси во поглед на потребната законска усогласена регулатива во насока на понатамошно следење на новите трендови од ЕУ. аа/бак/

Остани поврзан