• сабота, 23 ноември 2024

Заев и Ципрас со заедничка колумна: Без проактивен пристап, ЕУ ризикува понатамошно распаѓање во Западен Балкан

Заев и Ципрас со заедничка колумна: Без проактивен пристап, ЕУ ризикува понатамошно распаѓање во Западен Балкан

Скопје, 12 јуни 2024 (МИА) - Поранешните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас во заедничката колумна за „Еуроактив“ ја повикуваат Европската Унија и меѓународната заедница јасно да стават до знаење оти почитувањето на Преспанскиот договор е единствениот пат на земјава до пристапниот процес во ЕУ, претпристапната поддршка и економската мобилизација.

Заев и Ципрас, во чие време беше постигнат Преспанскиот договор, во заедничката колумна порачуваат дека „по неодамнешните избори во Северна Македонија, новото раководство даде провокативни изјави, нарушувајќи го словото и духот на Преспа“.

Кршењето на Преспа, додаваат Заев и Ципрас, дополнително ќе го дестабилизира регионот и ќе доведе до егзистенцијален предизвик не само за европската иднина на земјава, туку и за нејзината иднина како целина.

-          Во исто време, доколку Договорот се почитува целосно, ЕУ мора да биде подготвена да го остави зад себе секој ‘пристап како вообичаено’ што го видовме во изминатите шест години и да усвои проактивен, постепен пристап кон проширувањето, по сугестија на многу европски претставници и експерти. На сите земји во регионот мора да им биде јасно на дека мирното решавање на споровите има придобивки за народите на Балканот и нивните раководства. Дека жртвите се наградуваат, а не се цинично игнорирани, пишуваат Заев и Ципрас во заедничката колумна.

Порачуваат дека во време кога екстремната десница добива сила, демократските, умерените, а особено прогресивните лидери мора да работат заедно и да ги засилат напорите во спротиставување на национализмот.

Заев и Ципрас, меѓу другото, најавуваат дека нивните организации Институт „Алексис Ципрас“ и Фондација „Зоран Заев“ организираат Меѓународна конференција за мир и одржлив развој што ќе се одржи во Атина на шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, 17 и 18 јуни. На настанот, како што најавуваат, ќе бидат присутни истакнати владини лидери, светски експерти и претставници од целиот демократски политички спектар. аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан