• недела, 22 декември 2024

Заев и Ципрас денеска ќе ја примат Меѓународната наградата за мир на Вестфалија

Заев и Ципрас денеска ќе ја примат Меѓународната наградата за мир на Вестфалија
Атина, 28 август 2021 (МИА) – Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција Алексис Ципрас, на свечена манифестација во Мунстер, Сојузна Германија, денеска ќе ја примат Меѓународната награда за мир на Вестфалија за Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина. Заев и Ципрас вчера заминаа за Мунстер, а синоќа, како што и двајцата објавија на социјалните мрежи се сретнаа во пресрет на денешната церемонија. -Храбрите одлуки носат мир и градат вечни пријателства. Најголемата награда за нашиот подвиг е тоа што обезбедивме иднина за младите кои ги зближуваме. Радосни сме што нижеме признанија, голема чест е што и светот ја препознава големината на нашиот подвиг остварен со Договорот од Преспа, напиша премиерот Заев на „Фејсбук“. https://www.facebook.com/66035312931/posts/10159927396662932/ -Во Мунстер за мировната награда на Вестфалија, напиша лидерот на СИРИЗА на фотографијата со Заев. На свечената церемонија, наградата на двајцата лауреати ќе им ја додели претседателот на Латвија Егилс Левиц, како претставник на трите балтички земји кои оваа награда ја добија за 2019 година. Како што соопштија од Влада, во образложението за наградата се истакнува дека „Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнаа историски договор кој како пример за врвен дипломатски пристап, реши отворено прашање и со тоа, меѓу другото, дадоа значаен придонес за стабилноста на балканскиот регион“. Покрај Заев и Ципрас, наградена ќе биде и иницијативата „Plant for the Planet“ за активностите против климатските промени. Меѓународната награда за мир на Вестфалија е воспоставена во 1998 година од Асоцијацијата на претприемачи на Вестфалија и Липе и се доделува на секои две години. Меѓу досегашните добитници на ова угледно признание се Вацлав Хавел, Хелмут Кол, Курт Масур, Карла дел Понте, Кофи Анан, екипажот на Меѓународната вселенска станица, балтичките држави итн.. Наградата на Заев и Ципрас требаше да им се додели лани, на 19 септември, меѓутоа поради пандемијата, церемонијата беше одложена за оваа година. За Договорот од Преспа, премиерот на Северна Македонија и поранешниот премиер на Грција, лани ја добија и Хесенската награда за мир. ср/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан