• среда, 27 ноември 2024

Заев и Пајат ги потврдија придобивките од Договорот од Преспа и регионалните економско-енергетски иницијативи

Заев и Пајат ги потврдија придобивките од Договорот од Преспа и регионалните економско-енергетски иницијативи
Скопје, 14 мај 2021 (МИА) - На вториот ден од посетата на Атина премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, оствари средба со амбасадорот на САД во Грција Џефри Пајат, на која двајцата ги потврдиле придобивките од Договорот од Преспа и силно ги поддржале регионалните економско-енергетски иницијативи. Амбасадорот Пајат, информираат од владината прес-служба, му честиташе на премиерот Заев за импресивните постигнувања во изминатиот период нагласувајќи дека Договорот од Преспа е најпозитивното изненадување во неговиот досегашен петгодишен мандат како амбасадор на САД во Грција. На состанокот, исто така, било подвлечено дека важноста и вредноста на Договорот од Преспа е уште поголема ако се има предвид тоа што новата грчка влада и премиерот Мицотакис го поддржаа и засилија пријателството и сојузништвото меѓу двете земји. Заев и амбасадорот Пајат, се вели во соопштението, изразија огромно задоволство што денеска Грција не само што не е пречка за напредокот, туку силно и проактивно го поддржува европскиот интегративен пат на Северна Македонија. Од владината прес-служба, информираат дека премиерот Заев изразил благодарност за севкупната поддршка што Северна Македонија ја добива од САД во континуитет и особено за поддршката при склучувањето на Договорот од Преспа, а се разговарало и за економските можности кои се отворени со Договорот од Преспа. - Премиерот и амбасадорот ја реафирмираа поддршката за економските комори да ги зајакнат соработките и да развиваат регионални економски проекти особено во сферата на зелената агенда, енергетиката како и обновливите извори на енергија. Амбасадорот ги поздрави напорите на Владата на Република Северна Македонија за целосно исфрлање на јагленот како ресурс за енергија за сметка на обновливите извори на енергија, се вели во соопштението. На средбата, Заев и Пајат се осврнале на важноста од членството во НАТО и можностите за заедничко обезбедување на регионалната и глобалната стабилност и безбедност, а како примери биле посочени иницијативите за чување на небото на Северна Македонија од страна на соседните земји преку „ер полисинг", како и развојот на Криволак во регионален НАТО тренинг центар. Заев и Пајат, се вели во соопштението од владината прес-служба, изразија задоволство од развојот на регионалниот енергетски проект Александруполи со што се отвора можноста за сигурно и безбедно снабдување со природен гас од различни добавувачи, диверзификација на изворите и пат за Северна Македонија и регионот да станат енергетски независни. аа/дма/

Остани поврзан