• четврток, 26 декември 2024

Заев за МИА: Нема алтернатива за ЕУ, не сме далеку од решение

Заев за МИА: Нема алтернатива за ЕУ, не сме далеку од решение
Брисел, 15 јуни 2021 (МИА) - Нема ниту план Б, ниту алтернатива за ЕУ, самото пристапување кон ЕУ значи европеизација на Северна Македонија, не сакаме да бидеме членки само заради членството во ЕУ, ние сакаме да бидеме членка заради европеизацијата на земјата која ќе се случува низ отворањата и затворањата на поглавјата и да ја донесеме Европа во Северна Македонија, вели премиерот Зоран Заев во интервју за МИА. Премиерот нагласува дека посакува на 22 јуни да нема вето од Софија, односно Советот за општи работи на ЕУ да донесе одлука за официјален старт на преговорите, но и ако не се постигне решение, барем да ги заокружиме дискусиите и да чекаме политичка влада во Бугарија. - На 11 јули имаат избори, после тоа се формира влада, политичка влада која што навистина ќе ги продолжи и најде решенија конечно, тоа можеме да го направиме и во септември, октомври, декември оваа година, важно е граѓаните да ја знаат реалноста, затоа што навистина не сме далеку, ниту е проблемот нешто посебен, јас често кажувам дека е смешен, но проблем е што нема парламент и нема политичка влада и е проблем за носење одлуки, вели премиерот. Тој нагласува дека во рамките на тие напори до крајот на оваа недела ќе ја посети Софија. - Ако не постигнеме решение, да направиме исчекор со којшто со политичката влада ќе се најде решение. Правиме до крајот на оваа недела официјална посета на Софија каде со претседателот Радев, со премиерот Стефан Јанев и нивните министри ќе седнеме и ќе ги разглобиме до крај сите детали, додава премиерот. Тој нагласува и дека ние сме мала земја и сакаме пријателство со сите и кога земјите партнери го градат тоа пријателство и соработка и со Кина и со Русија и наша цел е да градиме пријателство, но ние сме членка на НАТО и до крај се почитуваат принципите на Алијансата/ - Северна Македонија е целосно на линија на развиените демократии, не се споредувам тука со земјите од Западен Балкан, туку со соработката што ја има Америка со Кина, една Германија, една Франција, итн. Кај нас за разлика од нашите соседи на Западен Балкан, нема договори во четири очи... Кај нас компетитивноста и европското законодавство се императив. И тоа е така. Може кинеска фирма да работи ако победи на тендер, во четири очи нема. Мора да има компетитивност, нагласува премиерот. Во интервју за МИА, премиерот Заев говори и за главните теми од вчерашниот Самит на НАТО, каде Северна Македонија за прв пат учествуваше како полноправна членка. Прво да ве прашам како помина овој прв лидерски состанок во НАТО како полноправна земја членка? Прекрасно е чувството затоа што сме прв пат, затоа што за прв пат сме на НАТО самит како земја членка, но и НАТО прв пат има самит со 30 земји членки. Така што заокружија посебно поглавје за нас, верувам и за целиот Западен Балкан, каде што можам да потврдам и дека подготовката на овој самит е со активно учество на нашите министри, министерката за одбрана, министерот за надворешни работи, нашиот амбасадор Дане Талески, и делегацијата, во подготовката на самиот самит и на самите заклучоци. Важно е што НАТО испрати порака на единство, што не беше случај пред неколку години. Денеска претседателот Бајден, но и големите лидери на големите земји од ЕУ, како што е претседателот Макрон, канцеларката Меркел, и италијанскиот премиер, го поддржаа тоа единство, каде што се испрати порака дека НАТО знае кај тера. Не е само борбената подготвеност, тоа е на највисоко ниво, тоа е најмоќниот и најсилен сојуз во светот. Модерните предизвици на 21 век, а тоа се лажните вести, сајбер безбедноста, безбедноста во комуникациите, градењето на стратегиите, но и автократизмот од дел од Истокот кој што пенетрира во дел од НАТО Алијансата, затоа што не носи демократски вредности. Демократијата значи компетитивност, значи слобода, не е вредност за доста источни земји како што е Русија, Кина и многу други азиски земји. Соодветно НАТО се поставува на тоа, изградивме свои стратегии токму околу ова прашање, коишто продолжуваат да се надоградуваат. Сѐ тоа е поставено во една агенда, НАТО 2030, која што Столтенберг ја има изработено и навистина еден прецизен план. Ќе изискува дополнително финансирање, не плус од двата отсто, туку во рамките на двата отсто, за дополнителни активности на НАТО како предизвик на 21 век. Така што јас сум среќен дека токму со Северна Македонија на првиот самит се разви една модерна стратегија, на 21 век, која што значи гаранција на сите земји членки на НАТО, значи и гарант за целокупниот светски мир, којшто НАТО го обезбедува. Колку се тие пари, колку значат за нашите граѓани и даночни обврзници, што ќе ги вложуваме дополнително? Не значат ништо. НАТО има буџет од некои 2,6 милијарди евра како НАТО, сите наши национални буџети се дел од НАТО буџетите и тоа се трилиони. Нашето учество до сега ако е 30, 50, 70 илјади евра, тоа би значело 20-30 отсто, не е големо. Големо е за Британија, за Германија, за Франција, самото учество не значи ништо, зашто е во рамките на нашиот буџет, останува стратегијата за 2 отсто од БДП до 2024 година. Нашата земја секоја година, дури и за време на корона кризата, не се откажа од таа стратегија, и нашиот буџет расте секоја година и така ќе продолжиме до крај, ќе алоцираме токму од тие 2 отсто, тие мали средства се, но на ниво на 30 земји членки, но со БДП кои го имаат сојузниците навистина се сериозни средства, а придобивките се за сите подеднакво, тоа значи повеќе безбедност, повеќе стабилност, повеќе демократија, повеќе вредности за кои продолжуваме да се залагаме. Друго прашање околу темите денеска, Кина беше главна тема на разговорите и на прес конференцијата на генералниот секретар, ние имаме посебен однос со Кина, меѓу другото и вакцините, и друг тип на инвестиции, колку овој некој привилегиран однос што го имаме Кина се коси со заложбите што ги преземавте денеска во однос на безбедносниот ризик што го претставува Кина за НАТО? Прво мислам дека Северна Македонија е целосно на линија на развиените демократии, не се споредувам тука со земјите од западен Балкан, туку со соработката што ја има Америка со Кина, една Германија, една Франција, итн. Кај нас за разлика од нашите соседи на Западен Балкан, нема договори во четири очи. Секако почитување на “фидинг“ алатките коишто значат исполнување на условите, и комплетна конкурентност и одговорност внатре, важи за сите, така важи и за кинеските компании и поради тоа не учествуваат во дел од тендерските постапки. Кај нас компетитивноста и европското законодавство се императив. И тоа е така. Може кинеска фирма да работи ако победи на тендер, во четири очи нема. Фала богу поминавме од денешен аспект гледано еден драматичен процес којшто нѐ освести дека тоа е недозволиво. Мора да има компетитивност. Ние сме мала земја и сакаме пријателство со сите. Кога земјите партнери го градат тоа пријателство и соработка и со Кина и со Русија и наша цел е да градиме пријателство, но ние сме НАТО земја членка и до крај се почитуваат принципите на НАТО. Кина партиципира со сериозни дотации на многу кинески фирми коишто ги става во предност во однос на многу европски фирми, и за тоа е свесно и НАТО и ЕУ и затоа се бараат соодветни механизми затоа што секогаш гарант за квалитетот и компетитивноста се транспарентноста, отчетноста и секако конкурентноста во самите постапки. Јас верувам дека ќе се изнајдат сериозни механизми за сите современи закани за НАТО вредностите, а тоа владеењето на правото, демократијата, компетитивноста, слободите, итн. Би прифатиле Кинезите да ја градат 5г мрежата во Северна Македонија? За земја членка на НАТО тоа е недозволиво, ниту кај нас, ниту во било која од земјите членки. Сакам да прашам за билатералните средби, имавте со Радев меѓу другото, имавте ли други билатерални средби? Ја искористивме можноста со сите да се видиме, и се видов скоро со сите премиери, канцелари, претседатели што беа овде. Се видов уште еднаш со претседателот Макрон затоа што тој се виде со претседателот Радев, се видов со канцеларката Меркел, со премиерот Руте на Холандија, се видов со премиерот Борис Џонсон. Се видов и со претседателот Бајден, имавме прилика да поразговараме, разговорите беа прво за нашата енергетска поврзаноста, којашто ја правиме заедно кое го правиме преку проектот Александрополи, тоа е американско-грчки-македонски проект, но поразговаравме и за неговата посета на Западен Балкан. Ја искористив приликата да го поканам, секако тој позитивно искоментира, кажувајќи ми дека го знае Западен Балкан, работел за Западен Балкан, ја има целата поддршка на Соединетите Американски Држави и секако во неговата агенда ќе планира некоја посета. Позитивно беше што беше информиран веднаш и веднаш честиташе за нашето членство во НАТО. Навистина разговорот беше пријатен како земји стратешки партнери во делокругот на вредностите, на демократијата, на напредувањето на сето она што значи квалитетен живот овде во Северна Македонија. Затоа што навистина Америка тоа го правела сите овие 30 години независност во нашата поддршка, а за мене и за нашиот народ е важно да продолжи таа поддршка. Драго ми е што имавме прилика со него да поразговараме на вака значајни теми коишто се преокупација и на Америка и на Европа, иако не сме членка на ЕУ, верувам дека подеднакво гледаат на сите нас, впрочем тоа и го покажа тоа низ разговорите претседателот Бајден. Тука да искористам прилика да преминам на Бугарија бидејќи Бајден и САД реагираа единствени на бугарската блокада. Дали разговаравте со Бајден за бугарската блокада во ЕУ? Јас само кажав дека сме благодарни дека Блинкен се јави, со претседателот Радев зборуваа директно на оваа тема. И дека за нас е значајно што ги охрабруваат двете страни да се изнајде решение, а поддршката од САД секој пат носела позитивно за нас и за сите што се борат на дипломатски начин да изнајдат решение. Така што значајно ни е што се вклучени и во овој процес покрај земјите од ЕУ, гледате сите 26 се со еден многу позитивен фокус кон нас, и треба, ни должат, дефинитивно. А сега се вклучени и САД и тоа влева кај мене надеж да правиме сѐ што можеме за да постигнеме решение, иако секогаш кажувам дека провејува на сите разговори, еве и со претседателот Радев, дека немаат парламент, дека сепак е техничка влада, дека е можно да не се донесе одлуката, така што е важно да не ги креваме очекувањата. Јас кога давам вака изјава се трудам прво кај мене да не ги кревам очекувањата, но исто и нашиот народ. Треба да знаат нашите граѓани дека нашата задача е токму да направиме сѐ и се трудиме да направиме сѐ, затоа на состанокот денеска се договоривме до крајот на оваа недела посета во Софија, ќе разговараме таму колку е потребно толку. Ако не постигнеме решение, да направиме исчекор којшто ќе се најде со политичката влада да се најде решение. Правиме до крајот на оваа недела официјална посета на Софија каде со претседателот Радев, со премиерот Стефан Јанев и нивните министри ќе седнеме и ќе ги разглобиме до крај сите детали. Каков исчекор би било тоа? Дали тој исчекор би значел дека во тој случај Софија би можела до 22 јуни да го крене ветото? Исчекорот е тој. Јас го посакувам, нашиот народ го посакува, навистина, на 22 да нема вето од Софија, односно Советот за општи работи на ЕУ да донесе одлука, но ако не постигнеме решение, исчекор мислам да се изнајдат начините каде што дефинитивно македонскиот јазик и идентитет се надвор од разговорите и тоа го потврдува и бугарскиот претседател, да ги решиме во делот на патоказот секторската соработка помеѓу двете земји, интензитетот на состанување на комисијата и низ португалскиот предлог кој дефинитивно го штити македонскиот јазик и идентитет да се изнајде решение, зашто е доволна основа да исчекориме напред. Ако не успееме да го постигнеме тоа на 22 јуни, барем да ги заокружиме овие дискусии и да чекаме политичка влада во Бугарија. На 11 јули имаат избори, после тоа се формира влада, политичка влада која што навистина ќе ги продолжи и најде решенијата конечно, тоа можеме да го направиме и во септември, октомври, декември оваа година, важно е граѓаните да ја знаат реалноста, затоа што навистина не сме далеку, ниту е проблемот нешто посебен, јас често кажувам дека е смешен, но проблем е што нема парламент и нема политичка влада и е проблем за носење одлуки. Ама немаме гаранција ни со политичка влада, видовме и со претходната политичка влада дека нема гаранции. Се согласувам. Нема гаранции ниту со политичка влада, но наше е да направиме сѐ и треба да да направиме сѐ кога целиот демократски свет е околу нас, кога во С Македонија и Бугарија се јавија сите за да нѐ охрабрат, за да понудат решение кое што преку португалското претседателство е нешто што ги штити интересите на двете страни. И последно прашање, повеќе пати сум ве прашала и сега бидејќи е ситуацијата каква што е, дали имаме план Б или алтернатива за членство во ЕУ? Нема ниту план Б, ниту алтернатива за ЕУ. Ги слушав овие дебати ајде да влеземе во Европската економска зона, ние сме во ЕЕЗ, имаме еден отсто царина со ЕУ. Ние тргуваме како земји членки со ЕУ, ги немаме фондовите,сето тоа што ни следува кога ги отвораме поглавјата. Новата методологија вели заокружување на секој кластер на поглавја значи пристап до токму тие фондови, ако е економија до економските, ако е здравство, до здравствените, ако е екологија до еколошките, тоа го немаме, тоа се поглавјата што треба да ги совладуваме за да ги добиеме тие фондови, друго нема нешто што можеме да направиме додека нешто чекаме, не. Тоа е патот кон ЕУ и на крајот знаете дека самото пристапување кон ЕУ значи европеизација на Северна Македонија. Ние не сакаме да бидеме членки само заради членството во ЕУ, ние сакаме да бидеме членка заради европеизацијата на С Македонија која ќе се случува низ отворањата и затворањата на поглавјата, каде ќе ја дигнеме нашата продуктивност, каде владеењето на правото ќе биде неприкосновено како во најдобрите земји на ЕУ, каде ќе има европско здравство, образование, европски начин на живот. Тоа е тоа, да ја донесеме Европа во Северна Македонија. Тања Милевска

Остани поврзан