• сабота, 23 ноември 2024

Заев: Главна цел продолжува да биде повисок економски стандард

Заев: Главна цел продолжува да биде повисок економски стандард
Скопје, 20 септември 2021 (МИА) - Дури и големите политички одлуки кои се донесоа заради единството во државата, ефикасноста на институциите, заради меѓународните договори, членство во НАТО, беа заради подобар стандард на нашиот народ, изјави вечерва премиерот Зоран Заев на ТВ дуелот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. - На четири години и три ипол месеци откога СДСМ доби чест да ја води Владата успеавме за шест илјади денари да ја качиме просечната плата, беше 22.800 сега е 28.744 денари. Минималната беше 9 илјади сега е 15.200, стапката на невработеност беше близу 25 проценти, сега е 15,9, значи повеќе од 9 проценти е намалена стапката на невработеност. БДП продолжува да расте и покрај пандемијата, рече Заев. Се што работиме, вели Заев, е заради подобрите економски политики. - Храбрите одлуки за минимална плата ги покачија и просечните плати. Три пати повеќе странски инвестиции за четири години. Главна цел продолжува да биде повисок економски стандард. Воведовме ефтина тарифа на струјата која ден денеска ја држиме. Јавниот долг е подигнат единствено заради помошта заради пандемијата. Сето тоа е во функција на поддршка на пандемијата. Овојпат заради последиците и добрите анализи на МЗШВ, дополнително за три денари ќе ги помогнеме лозарите, за три денари и јаболкарите ќе ги помогнеме, рече Заев. Истакна дека со сите политики за време на пандемијата, милијарда и 150 милиони евра се пуштени кај граѓаните само по ковид мерките. За да се стигне до просечна плата од 750 евра, според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски треба прво луѓето кои водат ресори и министерства да престанат да крадат. - Второ треба да имаме ефикасна влада и институции, реални реформи и закони кои ќе им олеснат на работодавачите, рече Мицкоски, посочувајќи дека рекордно е висока стапката на сивата економија - повеќе од 35 проценти и според него со овие параметри не може да се очекуваат повисоки примања. мс/са/    

Остани поврзан