• четврток, 26 декември 2024

Заев: Ги ублаживме ефектите од пандемија и се фокусираме на долгорочен економски развој

Заев: Ги ублаживме ефектите од пандемија и се фокусираме на долгорочен економски развој
Скопје, 27 мај 2021 (МИА) - Пандемијата со Ковид-19 драматично го промени животот во нашата земја и ги стави на тест целиот институционален систем како и однесувањето на сите кои во овој период имаа одговорност да се справат со оваа исклучително вонредна состојба и личниот пристап и однесувањето на граѓаните, бидејќи и тие се соочија со пандемија со животозагрозувачки закани и со секојдневна неизвесност за нивното здравје, за здравјето на нивните најблиски и за здравјето на општеството, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето на виртуелната симулација на тема „Подготовка за идна криза: Развивање поефективен систем за управување со кризи“. - Уште повеќе што не само за нас, туку и за светот најшироко, ова беше ситуација без преседан. Ситуација за која не можевме да се повикаме ниту на некои наши претходни искуства, ниту на искуства на било која друга земја. Оваа ситуација не соочи сите нас со многу прашања и грижи. Наметна сериозни предизвици за здравјето на граѓаните, за јавното здравје, како и за економијата, а допре и некои аспекти на општата безбедносна состојба, особено во средините каде што беше неопходно да се прогласи кризна состојба, потенцира Заев. Тој нагласи дека дополнителен предизвик за нашата земја и за институциите беше што пандемијата ја зафати Северна Македонија во време кога Собранието беше распуштено поради распишаните предвремени парламентарни избори, а извршната власт ја вршеше техничка влада, со мандат да ги организира и спроведе изборите, практично го пренасочи својот мандат во мерки и политики за справување со пандемијата, а со воведувањето на вонредната состојба ја доби и законодавната власт. - Со тоа првпат во историјата на нашата земја имавме неколку преседани од кои најзначајно беше воведувањето на вонредна состојба на територијата на целата земја и овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила што практично беше единствената алтернатива заради уставната неможност Собранието повторно да заседава, истакна Заев. Тој се осврна на мерките за мобилизација што беа направени во Министерството за здравство и за спречување на ширењето на вирусот, како и на формирањето на Координативно тело за прибирање и размена на информации за спроведување на мерките за спречување на појава, рано откривање, спречување на ширење и сузбивање на Ковид-19. - Нивниот посветен ангажман и правовремените реакции и соодветни постапки потврдија дека институциите на системот најсовесно, стручно и професионално ги извршуваат своите обврски и дека целиот систем е ставен во функција да одговори соодветно на предизвикот. Ова тело, според препораките на Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести ги подготви првите протоколи и препораки, потенцира Заев, додавајќи дека во оваа фаза најважно беше максимално да се успори ширењето на вирусот. Тој потести дека на 14 март 2020 година Владата го формираше Главен координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација на органите на државната управа, на правните лица основани од државата, како и на единиците на локалната самоуправа, со првенствена задачата да изготвува заклучоци, мерки и препораки за спречување, внесување и ширење на коронавирусот. - Посебно внимание посветивме на заштитата на медицинските работници и за обезбедувањето услови за максимална заштита во нивната секојдневна работа во спречувањето на пандемијата. На 21 март 2020 на иницијатива на претседателот на техничката Влада Оливер Спасовски, беше одржан првиот состанок на економскиот совет. Ад-хок тело од кое произлегуваа насоки и препораки за справување со последиците по економијата, стопанството и финансискиот сектор од коронавирусот, истакна Заев. Тој потенцира дека сите пакети антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаа граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност, креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување на брза излезна стратегија за да продолжиме со позитивните трендови на развојната македонска економија. - Вкупната вредност на сите шест пакети до сега изнесува близу 1,3 милијарди евра и огромен процент од мерките е веќе реализиран, а еден дел од нив се спроведуваат низ текот на целата оваа 2021 година. Владата уште на почетокот на здравствената криза со коронавирусот, препозна дека една од повеќето важни задачи што претстојат е навременото, постојано и веродостојно информирање, а со цел заштита на јавното здравје и здравјето на секој граѓанин во земјата, додаде премиерот. Претседателот на Владата истакна дека за жал, во одредени ситуации, лажните вести беа побрзи од вирусот, па затоа Владата и Секторот за односи со јавноста уште понагласено ги интензивира пласирањето на вистинити и релевантни информации во интерес на заштитата на јавното здравје и благосостојбата на граѓаните во контекст на пандемијата и промовирањето на проверени информации и веродостојна содржина со појдовен извор како што е Светската здравствена организација. - За време на кризата, и ден денеска, Владата беше постојано отворена за најдобрите совети и препораки како да се справиме со последиците кои не беа само здравствени. Реков дека за сите држави во светот ова е ситуација без преседан и затоа е неопходно од оваа криза да излеземе со сознанија и искуство кое ќе ни помогне во иднина. Од секоја криза да извлечеме поуки и да ги преточиме искуствата и знаењето во секогаш подготвен и одржлив систем за управување со кризи и да воспоставиме формален механизам за надзор и контрола во вонредна состојба, истакна премиерот Заев во обраќањето. Настанот, на кој учествуваа и претседателот на Собранието Талат Џафери и амбасадорка на Швајцарија во нашата земја, Сибил Зутер Техада, беше организиран од Националниот демократски институт во рамки на Проектот за парламентарна поддршка, наменета за клучните одговорности, структури и работни процеси во сите фази од кризата, односно – пред, за време и по кризата – и за идентификување на потенцијалните области и активности за подобрување, особено водени од искуството со пандемијата на вирусот Ковид-19. сп/

Остани поврзан