• недела, 24 ноември 2024

Заев-Тигањ: Реафирмирана силната поддршка од Хрватска за евроинтеграциите на Северна Македонија

Заев-Тигањ: Реафирмирана силната поддршка од Хрватска за евроинтеграциите на Северна Македонија
Скопје, 14 јули 2021 (МИА) - Силната поддршка од Хрватска за европските интеграции на Северна Македонија е реафирмирана на денешната средба на премиерот Зоран Заев со амбасадорката на Хрватска во земјава Нивес Тигањ.
Оценето е дека нашата држава го исполни својот дел од обврските на патот за пристапувањето кон ЕУ и дека сега Европската Унија треба да го испочитува својот збор.
- Северна Македонија ги направи потребните реформи. Исто така е пример за соживотот на различни заедници во една држава, што е исто така европска вредност. Нашата држава продолжува со конструктивните политики на дијалог во државата и на меѓународен план и очекуваме дека тие ќе дадат резултати за исчекор во интеграциите, рече премиерот Заев.
Како што соопшти владината прес-служба, изразена е заедничка согласност за важноста на политиките на проширувањето.
Исто така, констатирано е дека е од полза и за ЕУ и за земјите кандидатки, Европската Унија да се заокружи со Западен Балкан, којшто природно припаѓа на Европа.
На состанокот е посочено на значајноста од манифестација политичка зрелост кај сите политички субјекти, кога станува збор за реализација на прашања од полза на граѓаните и на државата.
Премиерот Заев и амбасадорката Тигањ зборуваа и за унапредувањето на економската соработка, како и во областа на одбраната и во други сфери, што ја овозможуваат одличните билатерални односи помеѓу двете држави. нд/лв/

Остани поврзан