• сабота, 23 ноември 2024

Заев: Имаме земја призната од светот, ВМРО-ДПМНЕ може да учи од нас што е патриотизам

Заев: Имаме земја призната од светот, ВМРО-ДПМНЕ може да учи од нас што е патриотизам
Кавадарци, 11 јули 2020 (МИА) - Успеавме да оствариме вековни соништа на нашите претци. Имаме парче земја призната од целиот свет, исто како и јазикот и идентитетот. Триесет години ниту еден политичар немаше мудрост и храброст да донесе одлука, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев на вечерашната трибина во Кавадарци. Осврнувајќи се на различното толкување на патриотизмот од страна на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Заев рече дека цели генерации се уништиле за да можат политичарите да останат на власт и да имаат моќ, но оти денес државата е призната од целиот свет и впишана во архивите на ООН. – Кога зборував на македонски јазик во Европскиот парламент и кога изустив дека ми е драго што можам да зборувам на нашиот македонски јазик, цел Парламент аплаудираше и потврди дека нашиот јазик постои. И сега, тие се патриоти, а ние не? Оние кои го слават Тодор Александров, тие се патриоти? Оние кои го негираат Блаже Конески се патриоти? Ним во кодот им е да бидат криминалци, од историјата со шверцот со опиум до денес. Ние не сме патриоти што седиме до светските лидери и држиме говори еден по друг, не сме патриоти што го дигнавме нашето знаме пред седиштето на НАТО? Ова е патриотизам и можат само да учат. Ние го остваруваме тоа што три децении само се зборува и се ветува и сега кога е исполнето, ние не сме патриоти, нагласи Заев. Ги повика граѓаните на 15 јули да излезат и да ги изберат, како што рече, вистинските патриоти, оние кои и мислат добро на државата и кои ја градат европската иднина на државата. - На овие избори се гласа за првокот. Не за опашината. Првокот е тоа првото што излегува, најквалитетното. Опашината е тоа што ќе остане. Немојте за опашината, нагласи тој. Тој истакна дека нашата држава Република Северна Македонија е признаена од целиот свет, како што рече, друга Македонија нема во светот. - Била Федеративна, Народна, Социјалистичка, но таа е наша земја впишана во архивите со лична карта во ООН. Таму пишува Македонци за сите граѓани плус за помалку бројните етнички заедници, граѓанин на Република Северна Македонија, заради тоа што не се сите по етничка припадност Македонци. Пишува македонски јазик, ниту фуснота, ниту ѕвездичка. Целосно загарантиран идентитет. Ова беа вековните аспирации на нашите предци, животи положиле, земјата со крв ја потопиле за да денеска тоа го имаме. И денеска ќе лажат и понатаму дека сме изгубиле нешто. Кој? Лажните патриоти? Немојте да им верувате. Денеска добивме сé на светот за што сме се бореле. И тоа е појдовната основа за да ги оствариме економските соништа. Да имаме европска земја тука, во Кавадарци, Ваташа, во Струмица, во Муртино, во Гевгелија, насекаде во државата. Тоа се нашите визии, соништа и идеали, да оставиме нешто повеќе на нашите деца, порача лидерот на СДСМ. Заев потенцираше дека во ВМРО-ДПМНЕ има само лажни патриоти, а вистински патриот е оној кој мисли на своите граѓани, вложува во повисок економски стандард. - Вистински патриотизам е кога минималната плата и во време на решавање на сите спорови, во време на избори, ја качува од 150 евра на 14.500 денари, оној кој ја укинува радиодифузната такса и носи закон за отпис на долгови, кој ги покачи пензиите, а не оној кој шири лажни вести, кој троши пари на стиропор и бронза, посочи Заев, повикувајќи ги граѓаните на 15 јули да гласаат на безбедни избори и да заокружат број три за напредокот да продолжи уште повеќе и уште подобро. Зборувајќи за остварувањето на стратешките цели на земјата, членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ, претседателот Заев рече дека 30 години ниту еден политичар немал храброст да направи големи чекори кон остварувањето на овие цели. -Генетскиот код им е препознаен комплетно. Доста беше, патриот е денеска оној кој што носи повеќе пари кај својот народ, кој што го заштитил македонскиот идентитет, кој што ја направил земјата да биде рамо до рамо со најголемите земји. Тоа беа соништата наши кога го имавме нашето македонско знаме пред седиштето на НАТО. Кога ни играше душата од гордост македонска, рече претседателот Заев. Тој истакна  дека лажните патриоти од ВМРО-ДПМНЕ знаат само да шират лажни вести. -Ете го Александар Николовски, од Охрид го донеле во изборна единица пет. Тој е една од десната рака на Груевски. Ништо не можеме да понуди, докажан извор на лажни вести. Дојде овде и без срам кажа дека „Дрекслермаер“ ќе ја затвора фабриката и го демантираа и раководството на фабриката и градоначалникот. После отиде во Прилеп и вели Тутунскиот комбинат работи најлошо досега, а првпат Комбинатот има добивка и зголемени плати на работниците, истакна Заев. Претседателот на СДСМ рече дека денес имаме сé за што сме се бореле, нагласувајќи дека ред е да ги исполниме економските соништа, да имаме европска земја тука, во Кавадарци, Струмица, Охрид, Куманово, насекаде. -Благодарам на овие озарени лица, благодарам на насмевките и надежта која се надзира зад маските, благодарам што доследно ги почитувате мерките за заштита од корона вирусот. Важно е сите заедно да бидеме вклучени во борбата со корона кризата, порача Заев. Пред присутните се обратија и кандидатите за пратеници Панчо Минов, Даниела Колева и Соња Мираковска и граѓанскиот активист Ненад Јовановиќ.свд/см/

Остани поврзан