Загрижувачки е извештајот на „Фридом Хаус“, оценува претседателот на СДСМ Филипче
- - Во однос на извештајот на Фридом Хаус постојат параметри коишто тоа го мерат. Загрижувачки е тој пад, рече Филипче на прес-конференција посочувајќи дека слободата на говорот е симбол на демократско општество и што ја означувало борбата на граѓаните за време на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Скопје, 26 февруари 2025 (МИА) - Загрижувачки е последниот извештај на „Фридом хаус“ каде Северна Македонија се оценува како делумно слободна земја, вели претседателот на СДСМ Венко Филипче.
- Во однос на извештајот на Фридом Хаус постојат параметри коишто тоа го мерат. Загрижувачки е тој пад, рече Филипче на прес-конференција посочувајќи дека слободата на говорот е симбол на демократско општество и што ја означувало борбата на граѓаните за време на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, недозволиви и некоректни се тенденциите да се поврзе фондацијата Сорос со истражувањата што сега се најавуваат во САД во однос на фондовите и тоа да се залепи во некаков контекст на СДСМ.
-Поради тоа што огромна бројка на луѓе, граѓани, автентично се бореа против ограничувањето на слободата на говорот, против окупацијата на судските институции за време на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. На крај краишта се бореа јасно и отворено и против прислушкувањето на 20 илјади луѓе вклучувајќи и новинари, рече Филипче. Не треба, додаде тој, да се потцени енергијата и силата на народот, поради тоа што, верува тој, ако забележат такви работи пак ќе излезе на улица.
На прес-конференцијата одговарајќи на новинарско прашање, претседателот на СДСМ рече дека нивната пратеничка група доправа ќе гради став како ќе гласа доколку разрешувањето на јавниот обвинител Љупчо Коцевски дојде на дневен ред во Собранието. Го повтори ставот во однос на реформите во правосудството.
-Сметам дека сите реформски процеси во правосудството веќе се добро осмислени и испланирани врз основа на еден процес на анализа којшто се одвива во изминатите години. Во делот на заклучоците, препораките на оценската мисија, од ЕУ, понатаму реформите коишто се влезени во реформската агенда, планот за раст е потпишан, подготвен од нашата влада, потпишан од оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ. И таму јасно стои што треба да се направи во државата за целосно и вистински да се реформира правосуднниот систем и да се приближи до правосудството на ЕУ, рече Филипче.
Има листа на закони што треба да се донесат, потсетува тој - законот за ЈО, за судовите, за движење на судските предмети, за платите на судиите.
-Тоа е вистински консензус, национален, којшто нам ни треба. Тие закони да бидат во Собранието, сите политички партии во Собранието да ги поддржиме, а ние како СДСМ, се ќе поддржиме што се однесува на реформата на праводуството што е во контекст на приближувањето на нашето правосудство со тоа во ЕУ. Јасен е патот. Сметам дека сето друго што значи отстапка од тој пат, е практично обид за партизација на судството и Обвинителството. Мислам дека тоа навистина не ни е потребно, рече Филипче. ев/ац/
Фото: МИА Архива