• среда, 27 ноември 2024

Загриженост во Грција за метежот во кафулињата и баровите на плажа

Загриженост во Грција за метежот во кафулињата и баровите на плажа
Атина, 8 јуни 2020 (МИА) – Појавите на преполни кафулиња, баровите на плажа, но и ноќни клубови во Грција во текот на изминатиот викенд преставуваат дополнителна „главоболка“ за епидемиолозите во земјата, кои предупредуваат дека најголемиот проблем со Ковид-19 се собирите и метежите каде што најлесно се пренесува вирусот, јави дописничката на МИА од Атина. - Сакам да потсетам дека пред да се појават сите големи епидемии во Италија, во Англија, во Шпанија, претходеа метежи на трговски саеми, на стадиони, на масовни протести и така натаму. Метежите се маслото во огнот на пандемијата. По ова што сега се случува на Миконос и на други места каде што има метеж, да бидете сигурни дека за една - две седмици, ако не се преземат мерки, ќе се врати епидемијата. Еден човек од оваа толпа е доволен за да се заразат 100 или 200 други, изјави за грчката телевизија „Скај“ професорот епидемиолог Никос Сипсас, кој е член на комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција. Професорот по заразни болести и патологија Хараламбос Гогос, за телевизијата „Антена“ истакнува дека на сите треба да им биде јасно дека ова лето е поразлично и како решение споменува сопствениците, наместо за 1.000 лица, да дозволат влез за 200 посетители. Тој додаде дека е најверојатно со отворањето на границите, на туристичките места да се појават и „увезени“ случаи на Ковид-19. Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во интервјуто за грчката телевизија „Скај“ коментирајќи ја одлуката да се казни познат бар на плажа на Миконос со 20.000 евра и двомесечна забрана за работа поради непочитувањето на протоколите, рече дека законите треба да се почитуваат од сите. - Сега, кога штотуку започнавме да ја деблокираме нашата економија и да примаме луѓе, не можеме да ја испраќаме оваа порака. Законите секогаш мора да се почитуваат. Законот е закон и мора да се спроведе. Оттука, доколку било кои прашања од нашиот план треба да бидат ревидирани во продолжение, ќе бидат ревидирани. Но, нашата главна грижа е јавното здравје, посочи Пецас. Епидемиолозите, но и власта во Грција, не ја исклучуваат можноста, доколку биде потребно да се воведе и локален карантин во место каде што во текот на летото би се појавил сомнителен случај. Портпаролот на грчката Влада истакна дека коронавирусот е сѐ уште присутен, потребна е претпазливост и објасни дека ако е потребно дури и цел остров може да се стави во карантин. - Никој не може да биде сигурен каде може да постои жариште. Целта е едно веројатно жариште брзо да се лоцира и да се изолира за да нема ширење во општеството. Како што ги прекинавме летовите од Доха, кога имавме само 12 случаи, така ќе биде и на локално ниво, ако некаде забележиме проблем. Без разлика дали локалното ниво се однесува на населба, или здравствената структура, училиште или било што друго. Може дури да се однесува и на географска област, како што е еден остров или префектура, објасни портпаролот на грчката Влада. Како што вчера објави МИА, во кафулиња и баровите на плажа низ цела Грција, според објавените фотографии и видеа како од медиумите така и на социјалните мрежи, Грците се чини дека не се вратија во „новата нормалност“, туку продолжија онаму каде што запреа пред појавувањето на новиот коронавирус. Генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи Панајотис Стамбулидис вчера рече дека бизнисите не се отворени без ограничувања, туку под конкретни услови и објасни дека во бич-баровите, согласно здравствените протоколи и правила, не смее да се користи шанкот, забрането е да се организираат забави, а задолжително е да се почитува ограничениот број гости. ср/ми/

Остани поврзан