Загреб: Хрватска очекува реакцијата на Брисел поради протерувањето хрватски граѓани од Србија, повторно испратена протестна нота
- Министерот посебно го спомна случајот на хрватската државјанка Ариен Стојановиќ Ивковиќ, мајка на малолетно дете, која во Белград завршила Медицински факултет, се вработила, се омажила и основала семејство. Српските власти ѝ го одзеле гостопримството по 12 години живот во Белград, ја протерале од земјата и ѝ забраниле влез на една година, затоа што наводно претставува „неприфатлив безбедносен ризик“.

Загреб, 10 април 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Хрватска Гордан Грлиќ Радман денеска изјави дека очекува реакција од Брисел на протерувањето на хрватски државјани од Србија и оцени дека однесувањето на официјален Белград не е во духот на добрососедските односи.
- Секоја земја што има аспирации за членство во ЕУ апсолутно треба да ги прифати сите вредности на ЕУ, а слободата на движење е една од основните слободи на ЕУ, рече Грлиќ Радман пред новинарите во Загреб.
Тој истакна дека за Хрватска е неприфатлива одлуката за протерување на хрватски државјани поради наводна безбедносна закана за Србија, поради што со протестна нота е побарано објаснување.
Министерот посебно го спомна случајот на хрватската државјанка Ариен Стојановиќ Ивковиќ, мајка на малолетно дете, која во Белград завршила Медицински факултет, се вработила, се омажила и основала семејство. Српските власти ѝ го одзеле гостопримството по 12 години живот во Белград, ја протерале од земјата и ѝ забраниле влез на една година, затоа што наводно претставува „неприфатлив безбедносен ризик“.
- Баравме одговор, појаснување и изразивме загриженост поради ваквото постапување, бидејќи не станува збор за изолиран случај, нагласи Грлиќ Радман.
Тој додаде дека во последните месеци се забележани 32 случаи на протерување или забрана за влез во Србија на хрватски државјани, истакнувајќи дека можеби има и повеќе вакви случаи, бидејќи не сите хрватски државјани ја известиле Хрватска за тоа.
- Од земја кандидат за ЕУ се очекува да развива и промовира добрососедски односи, а со овој чин тоа не се покажува, потенцира хрватскиот министер.
На прашањето на новинарите дали во овие одлуки гледа одговорност на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, министерот одговори дека не би навлегувал во тоа, но дека е сигурно дека властите се вклучени во протерувањата. Тој додаде дека е внатрешна работа на секоја земја кому ќе му го укине гостопримството, но дека станува збор за обични граѓани.
Тој го спомна и случајот на претставник на Хрватската стопанска комора, на кого исто така му е врачено решение за протерување.
Грлиќ Радман рече дека досега не добил одговор од Србија на претходните протестни ноти, но нагласи дека Србија е кандидат за членство во ЕУ и дека за сето ова се известени претставникот на делегацијата на ЕУ во Белград и Европската комисија.
- Тука најважен е дијалогот и го чекаме одговорот од српската страна, рече шефот на хрватската дипломатија, додавајќи дека в недела во Луксембург ќе се одржи неформален состанок со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.
И премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, денеска го осуди протерувањето на хрватски државјани од Србија и побара објаснување од властите во Белград.
- Протерувањето на хрватски државјани од Србија е неприфатлива пракса за секоја осуда, со инсинуации дека нашите државјани се мешаат во внатрешните случувања во Србија, што сигурно не е случај, рече Пленковиќ на седницата на владата.
Тој додаде дека Хрватска бара „разјаснување од властите во Србија“ и дека Министерството за надворешни работи упатило протестна нота, објави владата на мрежата Икс.
Пленковиќ на седницата на владата истакна дека за сето ова се известени и хрватските партнери во ЕУ.
Амбасадорот на Хрватска во Србија, Хидајет Бишчевиќ, изјави за медиумите во Србија дека во последните три дена добил известувања за протерување на тројца хрватски државјани од Србија, меѓу кои и шефот на претставништвото на Хрватската стопанска комора. ссм/
фото: принтскрин Јутјуб