• вторник, 12 ноември 2024

Завршува учебната година за над 15.000 ученици во Куманово

Завршува учебната година за над 15.000 ученици во Куманово
Куманово, 10 јуни 2020 (МИА) - Учебната година денеска завршува за над 10.000 основци и над 5.000 средношколци од Куманово, соопштија од секторот за образование од општината.
Во Куманово, годинава деветто одделение завршуваат над 1.000 ученици, а завршна година од средните училишта над 1.200 ученици во услови на вонредна состојба, онлајн настава од 11 март, годинава.
Околу 180 ученика од основното и средното образование се отпишале оваа учебна година, покажуваат податоците на секторот за образование.
- Во 16 општински основни училишта, оваа учебна година во Општина Куманово ја завршуваат вкупно 10.286 ученици. Од нив, IX одделение завршуваат вкупно 1.054 деветоодделенци. Вкупно 147 ученици од основните училишта во Општината се имаат отпишано во текот на учебната година. Во петте општински средни училишта, оваа учебна година во Општина Куманово ја завршуваат вкупно 5.093 ученици. Од нив завршна година од средно образование завршуваат вкупно 1.237 ученици. Вкупно 36 ученици од средните училишта во Општината се имаат отпишано во текот на учебната година, наведуваат во соопштението од секторот за образование од општината.
Свидетелствата за основците ќе бидат поделени на 15 јуни, согласно протоколи и мерки, а за среднoшколците доделувањето на свидетелствата е предвидено да биде во јуни, исто така согласно мерки за заштита од коронавирусот, со ограничување на присуство на лица во просторија, со заштитна опрема и дезинфекциски средства.
- Поради ситуацијата со коронавирусот со кој сите се соочуваме, крајот на оваа учебна година е поинаков од другите, како за учениците, така и за наставниците и родителите. Се надевам дека оваа ситуација ќе се надмине во периодот што следува. Драги ученици, ви посакувам со одлични резултати да ја заокружите оваа учебна година, стремејќи се кон нови знаења на патот кон успехот, напиша кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски на социјалните мрежи по повод завршувањето на оваа учебна година.ам/бт/

Остани поврзан